Мега финале во Будимпешта: Севиља против Рома на Мурињо

Вечерва од 21 часот се игра големото финале на Лига Европа во кое за трофејот ќе се борат „вечниот“ освојувач на ова натпреварување шпанска Севиља која шест пати го креваше пехарот и Рома која лани стигна до титула во Лига Конференции. Награда е место во Лига на шампиони и голем бонус.

Севиља, клубот од Андалузија од 2006-та година па наваму дури шест пати го освои пехарот во Лига Европа. Предводени од тренерот Хозе Луис Мендилибар кој нема големо искуство на евро сцена, кој е само два ипол месеци на клупата на Андалузијците и ќе игра прво финале, ќе се обидат одново да покажат кој е „тата-мата“ во овој турнир.

Во таа намера ќе се обиде да ги спречи Жозе Мурињо, искусниот лисец кој нема загубено ниту едно европско финале со Порто, Интер, Манчестер Јунајтед, Рома...

Сезонава и двата тима играа мошне променливо, особено на домашна сцена каде не се во Топ4 и не обезбедија место во Лига на шампиони за следната сезона. Барем не до вечерва.

Севиља во Лига Европа сезона постигна 13 гола (Ен Несири 4 а Ламела 2), а прими 7. Што се однесува до односот на теренот, во ЛЕ Андалузијците сезонава добија 25 жолти картони и ниту еден црвен.

Најдобри стрелци во нивната историја во Лига Европа се Кануте и Гамеиро со по 18 голови а Колумбиецот Карлос Бака постигнал 14.

На патот до големото финале Севиља го урна и Јувентус во полуфиналето и тоа во неизвесен реванш со гол во продолженијата.

Што се однесува до „римската волчица“, тие сезонава во Лига Европа постигнаа 20 гола а примија само 2 што значи дека на евросцена одбраната им е многу позатегната. Најдобри стрелци во ЛЕ им се Пелегрини и Дибала со по 4 гола, а Белоти постигна 3. Аргентинецот е под знак прашање поради повреда па можно е да влезе од клупа во текот на натпреварот.

Фудбалерите на Рома добиле 32 жолти картони сезонава во Лига Европа и ниту еден црвен картон.

Најголема предност на Рома, како што изјави и легендарниот спортски директор Мончи кој е голем архитект на успесите на Севиља а едно време и самиот беше директор во Рома, е Жозе Мурињо.

Португалскиот стратег има два трофеи во Лига на шампиони, со Порто (3-0 против Монако во 2003/2004) и со Интер (2-0 против Баерн Минхен во 2009/2019), има два пехари од Лига Европа, со Порто (3-2 против Селтик 2002/2003) и со Ман. Јунајтед (2-0 против Ајакс 2016/2017) и еден од Лига Конференции со Рома (1-0 против Феенорд 2021/2022).

Жозе може да се пофали и со пехари од Суперкуп на Европа. Со Порто (1-0 против Милан 2003-та) и со Челси (5-4 на пенали против Баерн Минхен во 2017-та) .

31 мај 2023 - 11:05