„Челси е голем клуб со фантастични навивачи, секој менаџер сака да води таков клуб. Но јас никогаш не би ја прифатил таа работа од почит кон Ливерпул. За мене постои само еден клуб во Англија, а тоа е Ливерпул", е изјавата на Бенитез која тој наводно ја дал во 2007-та година.
Но всушност Бенитез тоа никогаш не го изјавил. Оваа „изјава" најпрвин се појави на форумите на навивачите на Ливерпул, потоа се огромна брзина се рашири на Твитер и Фејсбук и на крајот заврши во медиумите.
Први објавија медиумите во Англија, потоа во Шпанија, Франција, Италија, Хрватска, Србија, Македонија... но проблемот е во тоа што во Англија главно веста ја објавија таблоидните медиуми.
На оние посериозните медиуми (како на пример Гардијан), им текна дека живееме во ерата на интернетот и дека 2007-та година и не беше толку одамна, па сè може да се најде во архивите. Со помош на Гугл може да се провери и да се види дека таква изјава Бенитез воопшто нема дадено.
Навивачите на Челси и онака му беа лути на Бенитез за некои негови провокации од минатото кога изјавуваше дека тие немале страст како фановите на Ливерпул, па тие дополнително се налутија откако ја прочитаа измислената изјава во медиумите и некои од нив уште на првиот натпревар побараа тој да го напушти клубот.
Но останува фактот дека Бенитез и медиумите и овој пат беа жртви на интернетот како во случајот со пропуштениот лет на Роналдо заради купување кроасан (или лиснато тесто како што беше напишано во еден наш медиум).