Манчестер Јунајтед ја отпуштил жената која 30 години е „мајка на сите во клубот“

На „Олд Трафорд“ продолжува хаосот во кој ниту со новата управа не се знае кој јаде а кој пие. Барем така пренесуваат британските медиуми кои пред неколку дена открија дека од клубот е отпуштена и вработена жена која од 1995-та година е најомилена меѓу сите во Јунајтед, Џеки Кеј.

Вработените во Манчестер Јунајтед биле шокирани кога дознале дека управата на клубот на чело со Сер Џим Ратклиф грубо и врачила отказ на Џеки Кеј.

Таа е во клубот уште од 1995-та година а со текот на времето напредувала позиционо па стигнала и до улогата извршен помошник на некогашниот главен директор Дејвид Жил.

Англиски Сан пишува дека нејзиниот отказ е само еден од околу 200 отпуштања колку што спремила и веќе врачила управата со потпис од Сер Џим Ратклиф кој сака максимално штедење и кратење на трошоците.

Минатиот јули биле отпуштени 250 од 1.150 вработени лица во Манчестер Јунајтед. Џеки Кеј последно била шеф на одделот за тимски операции. Била главен организатор за логистика во тренинг центарот Карингтон.

Џеки Кеј била најомилена меѓу играчите, тренерите, стручниот штаб и речиси сите вработени во клубот. За неа велат дека била „масло во машината“ на Манчестер Јунајтед.

„Таа е просто прекрасна. Таа е како мајка на секого. Ако има некакви проблеми или ако има нешто што треба да се реши, само викаш „Џеки може да ти го среди тоа“, „Џеки може да ти помогне со тоа“. Сигурен сум дека понекојпат кога го гледа телефонот додека и ѕвони сигурно си мисли „не, не се јаввувам“, но таа баш секогаш е тука за тебе“, еднаш за Џеки Кеј рекол Ешли Јанг, долгогодишниот фудбалер на Манчестер Јунајтед.

Во меѓувреме фирмата на Сер Џим Ратклиф INEOS (петрохемиски гигант) била тужена од рагби репрезентацијата на Нов Зеланд со кого потпишале договор вреден 3,65 милиони фунти годишно уште во 2021-ва но многу ставки од договорот и исплати не биле навремено подмирени.

Џим Ратклиф презема дел од акциите во Манчестер Јунајтед (27,7% купени за 1 милијарда фунти некаде во декември 2023-та година), а од тогаш до сега клубот и натаму тоне и нема никакво светло на крајот од тунелот.

Од тогаш до сега на теренот екипата изгледа мизерно и бележи порази па легендарниот Рио Фердинанд изјави дека се плаши дека и опстанокот во Премиер лига е загрозен кога ќе го види распоредот кој ги чека фудбалерите на Јунајтед.

18 февруари 2025 - 10:24