Малиот расен голгетер кој со три гола блесна за Португалија

21-годишниот Гонзало Рамош од Бенфика е прав хит денес на Светското првенство. Тој заигра од почеток наместо Кристијано Роналдо и ги разби Швајцарците со хет-трик, прв на Мундијалот во Катар. Португалија славеше 6:1 и оди во четвртфинале на Мароко.

Португалија го слави својот нов јунак. Гонзало Рамош, бисерот на Бенфика кој блесна со дури три гола против Швајцарците.

„Не знам што да кажам. Три гола на прв меч како стартер, не можам да поверувам! Не знам дали пак ќе заиграм од почеток“, во шок бил младиот центарфор на Португалија.

Поради него цела светска јавност како да подзаборави на еден од најголемите фудбалери на сите времиња, Кристијано Роналдо кој остана на клупа за резерви.

„Кристијано разговара со мене како и со сите други. Он е наш капитен и секогаш е спремен да помогне“, одговорил Рамош кој игра одлична сезона во португалска лига и Куп.

Интересно, Рамош на Светсково пред мечот со Швајцарија добил само 10 минути од кои 2 против Гана во финишот и 8 со Уругвај. Против Јужна Кореја седел на клупа за резерви, така што селекторот Фернандо Сантош направи ризичен потег кој на крајот не да му се исплатеше, туку испиша историја на Светско првенство со една од најубедливи победи.

Рамош е прв фудбалер во Португалија уште од времето на славниот Еузебио кој постигнал повеќе од 1 гол во нокаут фаза на Мундијал.

УШТЕ ОД НАЈРАНА ВОЗРАСТ БИЛ ОДЛИЧЕН ПАКЕР-СТРЕЛЕЦ

Гонзало Рамош е класичен центарфор од Бенфика. Висок е 185 сантиметри, има 21 година. Роден е во градот Ољао на југот од Португалија.

Тој е син на поранешен фудбалер на клубот Фаренсе, Мануел Рамош. Интересно татко му бил крилен фудбалер во средината на 2000-те години, добар техничар но никогаш не заиграл за најголемите португалски клубови. Рамош-јуниор признава дека не го гледал татко му како игра. „Не го паметам на терен но тој ми ја пресади љубовта кон фудбалот“.

Гонзало на 13 години како голем талент доаѓа во школата на славната Бенфика. И од старт блеснал.

Во сезоната 2018/2019 португалскиот гигант стигнал до финале на младинската Лига на шампиони за играчи до 18 години, а Гонзало Рамош таму станал најдобар стрелец. Три пати постигнал по најмалку два гола, а два погодоци му дал и на Реал Мадрид во финалето кога изгубиле 2:3.

Малиот Рамош сјајно играл и во кадетските и младински селекции на Португалија. Во 2019-та стигнале до финале на Еуро У-19, а Рамош имал 4 погодоци на 3 меча. После две години благодарение на него Португалците стасале и до финале на Еуро У-21. Тој и покрај тоа што не бил стартер, постигнал важен гол во четвртфинале против Италија У-21.

Во сезоната 2019/2020 првпат бил промовиран во прв тим на Бенфика откако се изнадавал голови за младите категории. Дебито за „орлите“ ќе го памети засекогаш. Влегол од клупата пред крај од мечот и постигнал два гола против Авеш за само три минути.

Бенфика е синоним за одлична база на млади фудбалери. Рамош стандарден првотимец станал годинава. Минатата пролет постигнал гол против Ливерпул на сред „Енфилд Роуд“ (после тој дуел Јирген Клоп се вљубил во Дарвин Нуњез од Бенфика, а не го забележал малиот Рамош).

По заминувањето на Ургуваецот за астрономска сума во Ливерпул, Бенфика не летала по друг шпиц туку шанса му дала на младиот Гонзало. И тој одговорил благодарно: со 9 гола во првенството (прв стрелец во моментов), 4 гола во квалификации за Лига на шампиони, 1 гол во ЛШ. Притоа имал уште 6 асистенции за гол. Каква полусезона за 21-годишен играч.

САНТОШ ВЕДНАШ ГО ВИКНАЛ ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Иако Португалците имаат напад и среден ред каков што нема речиси ниедна селекција на светот, селекторот Фернандо Сантош решил да го повика на Светско и новиот хит во оваа земја, младиот Гонзало Рамош.

Тој дебитирал за Португалија дури сега на 17 ноември на пријателска против Нигерија кога дал гол и имал асистенција до Жоао Марио.

Натпреварот против Швајцарија му е прв во стартна постава.

Интересно и помалку парадоксално, Гонзало Рамош сега не го споредуваат со Кристијано Роналдо туку со Томас Милер затоа што на 21 година веќе има 3 гола на Светско првенство и е на одличен пат да го зголеми учинокот во следните години.

Историско четвртфинале за Мароко, капитулација на Шпанија на пенали

Леао е претплатен само на мајсторски голови

7 декември 2022 - 10:53