Клупското рангирање на УЕФА се базира врз резултатите на секој претставник во претходните пет сезони на Лига на шампиони и Лига Европа. На оваа ранг листа, секој тим собира два поени за победа и еден поен за нерешено (се сметаат само поени собрани во квалификации и плејоф).
Македонскиот фудбал во моментов има 7.250 поени на клупската ранг листа на УЕФА, но само сезонава нашите екипи донесоа големи 2.875 бода што е повеќе од коефицентот на земји како Холандија (1.700 бода сезонава), Германија (1.857) Франција (2.166) Турција (1.600 бода), Белгија (1.200).
Ова не би требало да биде изненадување ако се знае дека нашите клубови имаа фантастично лето во евро-куповите. Вардар, по два големи триумфи во квалификациите за Лига на шампиони направи историски успех и победи во плејофот за Лига Европа па на мак-фудбалот му донесе исклучително важни поени за идната сезона. Благодарение и на Шкендија македонскиот фудбал догодина ќе може да очекува полесен ждреб и поприфатливи противници.
Тетовци феноменално минаа три кола во Лига Европа исто како и лани и стигнаа до баражот (лани испаднаа од Генк а годинава од Милан). Работнички, кој на македонскиот фудбал со години му носи многу бодови, летово испадна во 2. квалификациско коло за Лига Европа од Динамо Минск. Пелистер, како победник на Купот играше во 1. квалификациско коло за Лига Европа каде убедливо загуби во двомечот со полски Лех Познан.
Од друга страна, очајно и незапамтено лошо лето имаа холандските гиганти.
„Македонија, Казахстан, Литванија, Белорусија и Лихтенштајн имаат подобар коефицент од Холандија“
Macedonië, Kazachstan, Litouwen, Wit-Rusland en, jawel, Liechtenstein pakten dit seizoen meer UEFA-punten dan Nederland.
— Michel Abbink (@sportzeloot) September 14, 2017
Ајакс Амстердам летово најпрвин испадна од плејофот за Лига на шампиони од Ница (1-1 на гости, 2-2 дома), потоа сензационално беше елиминиран и од плејофот за Лига Европа после поразите од Розенборг. Така холандскиот фудбал загуби многу бодови а Ајакс првпат после повеќе од 40 години не обезбеди место во Европкуп.
Вториот гигант од оваа земја, ПСВ Ајндховен се избламира уште повеќе откако загуби и дома а и на гости од хрватскиот клуб Осијек. Третиот холандски претставник во квалификациите, Утрехт, загуби од Зенит Санкт Петербург (противник на Вардар во групната фаза) и на тој начин холандскиот клупски фудбал сезонава досега собра мизерни 1.700 бода. Францускиот Бордо испадна во 3. коло од квалификациите за Лига Европа од унгарски Видеотон и на тој начин го уназади коефицентот на францускиот клупски фудбал кој има 2.166 бода или 709 помалку од македонскиот.