Македонија Престон со „паненка“ ги победи Грците во Австралија после скоро 40 години

Во 5. коло од австралиската регионална фудбалска лига НПЛ Викторија, клубот на македонската дијаспора Престон Лајонс со 2-0 го совладал тимот на Јужен Мелбурн кој е клуб основан и бодрен од грчката дијаспора во Австралија. Ова е прва победа на „лавовите“ против Јужен Мелбурн после скоро четири децении.

Фото: Matt Johnson/ ФБ страница на Престон Лајонс

Натпреварот се играл на стадионот на Престон Лајонс „Б.Т. Конор Резерв“ кој собира околу 6.500 гледачи со 800 седечки места.

Трибините за натпреварот кој се играл во петокот вечер по локално австралиско време, крцале. Престон Лајонс имал поддршка каква што ретко се гледа по австралиските стадиони.

На крајот победа од 2:0 со головите на Џан Албано со „паненка“ од пенал во 57-ма минута и Лејтон Брукс во 81-ва минута. Јужен Мелбурн играл со играч помалку од 54-та минута по исклучувањето на Џонатан Питулас.

После 5 одиграни кола Престон Лајонс се втори на табела со 3 победи, 2 нерешени и ниту еден пораз. Имаат 11 бода. Јужен Мелбурн пак е 7-ми на табела со учинок 2-1-2 и 7 бода.

10 март 2025 - 08:45