Пред околу 7.000 гледачи на стадионот „Хувефарма Арена“ во Разград (првпат Бугарија играше таму од 2018-та), Македонија истрча во делумно изменет состав од оној кој загуби од Португалија во Порто во баражот за Светско првенство.
Поради отсуството на Костадинов, Ристовски и Адеми, селекторот се одлучи за Стефан Спировски кој доби предност во однос на Николов, Ашковски го замени капитенот Ристовски а во нападот остана истата тројка Трајковски-М. Ристовски-Чурлинов. Капитен беше Енис Барди.
Стартот беше сличен како и на претходните натпревари на нашата селекција, отворено, бескомпромисно и со идеја што побрзо да се стигне до противничкиот голман.
Нашите бараа посед на топка, но токму во моментите кога воспоставуваа контрола, следеше студен туш.
По една изгубена топка пред бугарскиот гол, ривалите тргнаа во брза полу-контра која што најдобрите бугарски фудбалери Неделев и Кирил Десподов ја решија за 1-0 за домаќинот во 13' минута.
Само неколку минути подоцна, Енис Барди брзо можеше да израмни од супер позиција, но шутираше право во главата на бугарскиот голман и капитен на Левски Софија, Николај Михајлов.
И од тој момент нашите момци тргнаа уште поотворено во потрага по израмнување, но неколкуте прилики завршија крај голот на ветеранот Михајлов. Имавме посед и игравме подобар фудбал но на полувреме отидовме со негатива.
Веднаш на почеток на вториот дел, селекторот Милевски направи две измени: Миовски влезе место Трајковски а Давид Бабунски наместо Чурлинов.
И тоа донесе резултат многу брзо. По една сјајна акција на Елмас и Барди, топката се одби од рака на бекот Турицов и стигна до Милан Ристовски кој израмни на 1-1 во 49' минута.
Веднаш после една минута Елмас имаше одлична шанса за целосен пресврт, но шутираше високо над голот а Михајлов го спаси голот и по еден одличен шут на Алиоски во 59' минута.
Во следниот период Бугарија се ослободи од притисокот на нашите фудбалери, но очигледни беа само обидите на домаќинот да го спушти ритамот, да застане на топка и да ги сопре нашите налети.
На дваесетина минути пред крајот Милевски се реши да освежи со Бобан Николов наместо одличниот Спировски кој беше прав бедем пред нашата одбрана, и со Доријан Бабунски од унгарски Дебрецен наместо стрелецот на голот Милан Ристовски.
Во таа фаза сè изгледаше како Македонија да е поблизу до нов гол, но Бугарите ја издржаа нашата офанзива. На крајот буквално во последните секунди од мечот главниот судија досуди пенал за Бугарија поради наводна игра со рака на Муслиу но по гледање ВАР ја преиначи одлуката и мечот заврши 1-1.
Македонската репрезентација од Бугарија патува за Малага па од таму за Гибралтар каде во недела го игра вториот меч во згуснатиот распоред. Во нашата група Грузија очекувано го торпедираше Гибралтар со 4:0 и е прва во група со 3 бода додека Македонија и Бугарија имаат по 1.