Во пресрет на изборите за претседател на ФИФА кои ќе се одржат во Цирих овој петок, кандидатот Џани Инфантино кој важи за фаворит за наследник на Сеп Блатер, ја нагласува својата идеја да им даде на уште 8 земји да пркнат и да се појават на Светско.
„Мислам дека Светското првенство треба да има 40 селекции од 2026 година. Тоа е единствен настан кој го плени светот во период од еден месец секои четири години и тоа е најмоќната алатка за промовирање на фудбалот во цел свет. Со давањето можност на уште осум репрезентации да учествуваат, даваме можност на уште осум земји на пострастен начин да уживаат на Мундијалот и да се претстават пред сите“, смета Инфантино.
Генералниот секретар на УЕФА пред десетина дена беше во Белград каде доби поддршка од 13 фудбалски федерации меѓу кои и нашата. Покрај ФФМ, гласот за Инфантино ќе го дадат уште и фудбалските федерации на Србија, Албанија, Хрватска, БиХ, Бугарија, Грција, Црна Гора, Кипар, Романија, Словенија, Турција и Русија.
Евентуалната победа на Џани Инфантино и неговото остварување за Мундијал со 40 селекции се поклопува и со целта која е најреална за Македонија според претседателот на ФФМ.
„Правиме стратешки план со реални цели и задачи кои си ги даваме. Сметаме дека реалната цел за еден пласман на некое од големите натпреварувања можеме да си поставиме за десет години, значи во 2026 година. Сè што ќе направиме претходно ќе биде плус за нас“, рече Ѓорѓиоски во првото издание од емисијата „Куќа на фудбалот“.
Џани Инфантино е Швајцарец со италијанско потекло и тоа е најпознатото лице меѓу петмината кандидати за прв човек на ФИФА. Освен што го гледаме редовно на ждрепките за Лига на Шампиони, Лига Европа и Европско првенство, тој беше и еден од заслужните за проширувањето на ЕП 2016 од 16 на 24 земји учеснички, потоа воведувањето на Финансиски Фер Плеј и Хет-Трик проектот кој носи поголеми фондови наменети за развој на фудбалот во сите земји-членки на ФИФА.
По професија е адвокат, зборува италијански, германски, англиски, француски и шпански, а функцијата генерален секретар на УЕФА ја врши од 2009 година. Грција минатата година донесе нов закон за спорт по големиот скандал со местење натпревари, а преговорите со грчката влада ги водеше токму Инфантино.
Што е следно за нас? Во петок да победи Инфантино, потоа уште 10 години да одиме на стадион за да ја гледаме македонската репрезентација само во квалификации, во 2026 година очекуваме да бидеме јаки, да победуваме и да завршиме на едно од првите 2-3 места на табелата во групата за да одиме на Светско. Ќе се поклопи ли сево ова?