Македонија доби ВАР

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на својата страница се пофали дека е промовиран ВАР системот кој за првпат во историјата ќе се употребува во мак-фудбалот, во новата сезона во Прва македонска фудбалска лига (ПМФЛ).

Во куќата на фудбалот има 3 нови ВАР соби, сервер и конролна просторија кои се веќе изготвени по стандардие на ФИФА, велат од ФФМ.

Првиот човек на федерацијата, Масар Омерагиќ заедно со Дејан Јакимовски, ВАР проект лидер и Јосип Бартон првиот човек на комисијата за делегирање судии ги објаснија сите детали за употребата на ВАР.

ФФМ заедно со системот обезбедил и репортажно возило кое ќе може да се користи за ТВ пренос на натпревари.

„ВАР системот во Македонија конечно стана реалност. Горд сум на тимот во федерацијата кои 24/7 работеше на овој проект. Ја набавивме целосната потребна технологија, имаме три модерни соби и контролна просторија. За овие три месеци направивме огромна работа. На многу поголеми федерации од нашата им беше потребен многу подолг период за да го спроведат ВАР системот. Затоа ФИФА и УЕФА ни оддадоа признание, не им се вруваше дека за толку кратко време ќе успееме да го реализираме овој голем проект“, изјави Омерагиќ.

Од федерацијата соопштија и дека единствено стадионот во Чаир каде игра Шкупи уште не ги исполнил критериумите и не го оплеменил просторот каде требало да има ВАР соба а за што ФФМ уште од поодамна им наложил.

Сите прволигаши имаат пријавено стадиони со ВАР лиценца и услови, со исклучок на стадионот во Чаир. Сите судии во ВАР-собите ќе бидат македонски арбитри.

На 8. август (петок) започнува новата сезона во Прва МФЛ. Шкендија – Шкупи (петок, 17:00 часот) и Вардар – Пелистер (петок, 20:00 часот) ја отвораат новата сезона 2025/26 во Прва МФЛ.

7 август 2025 - 12:12