Откако Џовинко, Лампард, Виља и Џерард решија да го напуштат европскиот фудбал, на таков чекор се реши и маестрото Чави Хернандез. Како што пренесува шпанскиот АС, Катарскиот Ал Сад на Чави му понудил три годишен договор вреден 30 милиони евра или по 10 милиони годишно.
По доаѓањето на Луис Енрике на клупата на Барселона, Чави сè помалку е во првиот состав, по што и самиот изјави дека е време да отстапи повеќе простор за помладите фудбалери кои надоаѓаат. На дуелот против Еибар минатиот викенд, кој Барса го доби 2-0, Чави го запиша својот 750 настап за Барселона.
Чави ја започна кариерата во младинските категории на Барса во далечната 1991 година. Од Б тимот беше префрлен во првиот тим во 1998 година, кога на 18 август дебитираше против Мајорка.
Стана прв фудбалер на Барселона кој одиграл 150 натпревари за репрезентацијата, а со Црвената Фурија ги освои ЕП 2008 и 2012 и СП 2010.
Покрај настапите за Ал Сад каде би требало да се пресели по завршувањето на актуелната сезона, Чави прифатил да работи и во Академијата Аспајр, која работи на промоција на фудбалот во Катар. Фудбалот во оваа арапска земја веќе го искуси Раул Гонзалес, кој играше во Ал Сад од 2012 до 2014 година и на 39 натпревари постигна 11 голови.