Во есента 2014-та Тревор Берлингем отишол во една од многуте обложувалници на William Hill во градот Тадкастер. Тоа е градче на 24 километри од Лидс во кое живеат помалку од 10.000 луѓе.
Стариот Тревор ги прашал менаџерите во обложувалницата за разни коефиценти меѓу и оној дека внук му ќе заигра за сениорската репрезентација. Овие му дале коефицент 33.00.
Тогаш 18-годишниот Луис Кук најпрво стигнал да тренира со првиот тим на Лидс Јунајтед, а дедо му сакал да покаже колку многу верува во фудбалската иднина на внук му.
Но вложените 500 фунти не биле ризична кладба зошто Кук веќе неколку месеци важел за еден од поголемите таленти во Англија, бил еден од стандардните репрезентативци во селекцијата до 17 години која го освои Европското првенство.
Во Лидс не им требало многу да го препознаат талентот на Луис Кук па брзо заиграл и за првиот тим а после две години преминал во Борнмут за високи 6 милиони евра. После една година дебитирал и за Англија U-20 каде станал и капитен.
Оваа селекција го освои Светското првенство и тоа беше прво светско злато за Англија во сите возрасти уште од 1966. година.
Ливчето на Тревор Берлингем можело да биде добитно уште лани - Кук тогаш беше повикан во сениорската репрезентација на Англија пред пријателската со Бразил на 14. ноември на „Вембли“. Но остана на клупата за резерви.
Минатата недела селекторот Герет Саутгејт го повика на списокот за пријателските со Холандија во Амстердам и со Италија во Лондон. На првата Кук не влезе, но конечно на крајот, на 27. март синоќа против Италија на „Вембли“ во 71’ минута Луис Кук го замени Џеси Лингард и освен што го израдува дедо му со дебито, му донесе и огромни 17.000 фунти.
Необично, ова не е прв случај кога роднини на млади англиски фудбалери ставаат кладба на нивните омилени деца или внуци.
- На пример Еди Киркленд ставил 100 фунти на тоа дека син му еден ден ќе заигра за репрезентацијата на Англија. Крис, идниот голман на Ливерпул тогаш имал само 12 години. Во репрезентацијата, голманот Крис Киркленд го викаа уште од 2003-та година, но тој дебитираше дури во 2006-та кога имаше 25 години.
Интересно, тој настап како прв голман против Грција остана и единствен во кариерата на Крис во репрезентацијата на Англија.
- Питер Едвардс ставил 50 фунти дека внук му Хари Вилсон ќе заигра за репрезентацијата на Велс. Хари тогаш имал само 18 месеци и уште бил со цуцла во уста. Во 2013-та година Хари стана најмладиот играч во историјата на репрезентацијата на Велс (дебитираше со 16 години и 207 дена), го сруши рекородот на Герет Бејл, а дедо му освоил неверојатни 125.000 фунти!
- Фудбалерот од средниот ред на Милвол Рајан Таниклиф имал само 9 години кога татко му решил да пушти срце и стави 100 фунти на тоа дека син му еден ден ќе заигра за Манчестер Јунајтед.
Во септември 2012-та година Рајан како фудбалер на Јунајтед влезе од клупата за резерви на мечот од ФА Купот против Њукасл. Татко му гордо подигнал 10.000 фунти. Рајан одиграл само уште еден натпревар за Манчестер Јунајтед а потоа кариерата му се одвивала во Чемпионшип.