Луис Кук има 22 години и игра во премиерлигашот Борнмут. Во 2014-та година кога имал 18 години и се борел да влезе во првиот тим на Лидс, дедо му Тревор Барлингам ставил 500 фунти дека неговиот талентиран внук ќе заигра за сениорската репрезентација на Англија пред да наполни 26 години.
Ретко кој тогаш верувал во такво нешто и го убедувале стариот да не арчи пари. Влогот го ставил во реномираната обложувалница Вилијам Хил во Тадкастер, Северен Јоркшир. Таму му дале коефицент 33.0 што значи дека во случај на добивка ќе мора да му исплатат околу 16.500 фунти.
Внукот Луис Кук во меѓувреме ги поминал сите младински категории на репрезентацијата на Англија (43 настапи за У17, У18, У19 и У21), а селекторот Герет Саутгејт сега го викнал и за пријателските против Холандија во петок вечер во Амстердам, и против Италија во вторник вечер на Вембли.
Во случај да дебитира за Англија, дедо му ќе има две причини за задоволство: прва што само тој верувал во внук му, втора што ќе заработи фантастична сума во кладилница.
„Луис еднаш доби покана но не заигра за репрезентацијата и сега очигледно е готово тој ќе дебитира, не зошто дедо му се кладел за него, туку Луис игра во одлична форма сезонава и тоа како заслужи да биде викнат, така што да се надеваме дека може уште повеќе и дека ќе дебитира во следните неколку дена“, изјавил портпаролот на Вил Хил Џое Крајли.