Лудост во Премиер лига, Лестер го победи Саутемптон со 9-0

После петочниот натпревар кој влегува во Гинисовата книга на рекорди, можно е Лестер веќе да не го пуштаат во Саутемптон. Тимот на Брендон Роџерс славеше со абнормални 0-9!

Сè почна во 10' минута. Бекот Бен Чилвел го отвори резултатот, но ова не беше единствен удар за Саутемптон. Додека играчите на Лестер славеа, судијата отиде да гледа ВАР снимка од нападот и забележал дека Рајан Бертран грубо го фаулирал Ајозе Перез.

Бертран доби црвен картон и домаќините останаа со 10 играчи, но никој не помисли дека може да се случи нешто спектакуларно. До крајот од мечот Лестер даде уште 8 гола и на крај славеше со 0:9.

Ова е најубедлива гостинска победа во историјата на најдобрата англиска лига уште од 1888 година. Претходно во 1999 година Манчестер Јунајтед го победил Нотингем Форест на гости со 1:8.

Лестер ја повтори најубедливата победа во историјата на првата англиска лига: во 1995 година Манчестер Јунајтед го совлада Ипсвич 9:0 но на домашен терен. Тогаш голман на Јунајтед беше Питер Шмајхел, а синоќа голман на Лестер неговиот син Каспер:

„Каков фантастичен перформанс од Каспер Шмајхел и неговиот Лестер со победа од 9-0 во Саутемптон. Ако некој требаше да го повтори рекордот на Манчестер Јунајтед од 94/95 горд сум што тоа стана ти“, пиша Питер на својот Твитер профил.

Лестер постигна 5 гола во едно полувреме на гости. Такво нешто му успеало само на Манчестер Сити на гостувањето кај Барнли (1:6) во 2010-та. Џејми Варди постигна хет-трик и сега е прв на листата на стрелци со 9 гола, пред Серхио Агуеро и Теми Абрахам кои имаат по 8.

„Дознавме за рекордот кога Џони Еванс при резултат 0:6 ни кажа дека ако продолжиме вака, може да поставиме нов историски рекорд. Ова е голема победа, одличен настап и среќен сум за навивачите“, изјави Варди.

Уште еден хет-трик постигна Ајозе Перез кој летово дојде во Лестер од Њукасл за 30 милиони фунти. До синоќа тој не постигнал ниту еден гол за Лестер на 8 натпревари.

Двајца играчи не постигнале хет-трик на еден натпревар уште од мај 2003 година кога Арсенал го прегазил Саутемптон со 6:1 (хет-трик на Џермејн Пенант и Робер Пирес). Лестер, предводен од одличниот Брендан Роџерс сега е прв на табелата со 20 бода, а Сити има 19 и натпревар помалку.

 

26 октомври 2019 - 14:12