Како Италија ја донесе Хрватска на раб на испаѓање

Во уште еден крајно драматичен меч од Еуро2024, Италија се спаси против Хрватска со гол буквално во последните секунди од мечот, во 90+8’ минута од судиското продолжение.

Репрезентацијата на Италија е уште еден патник во осминафиналето на Европското првенство откако синоќа со премногу среќа стигна до гол и избегна пораз од Хрватска.

Хрватите од стартот наметнаа свое темпо, играа во свој ритам и создадоа неколку шанси кои ги распалија преку 20.000 хрватски навивачи на трибините во Лајцпиг. 

Сите пропуштени шанси на Хрватска Италија не ги казни и првиот дел заврши без голови. Но на самиот старт на вториот дел во 54 минута „коцкестите“ добија пенал по играњето со рака во свој шеснаесетник на нововлезениот Фратези.

Лука Модриќ шутираше но Донарума му го одбрани пеналот за делириум меѓу италијанските навивачи.

Но таа радост на Италија траеше само една минута затоа што после еден центаршут Донарума одново сјајно одбрани но на одбиената топка натрча Модриќ кој постигна гол за 1-0 и лудо славје на трибините:

Фудбалерот на Реал Мадрид стана највозрасниот стрелец на гол во историјата на Европско првенство. Заслужено по крајот од мечот Лука Модриќ го доби признанието за играч на натпреварот.

По примениот гол Италија реши да заигра поотворено, Хрватска ги затвори сите приоди кон својот гол но и покрај тоа аѕурите почнаа да плетат мрежа околу шеснаесетникот на Ливаковиќ.

И добро се бранеше селекцијата на Златко Далиќ се до самиот финиш. На општо изненадување холандскиот судија Макели го продолжи мечот за 8 минути, а токму на истек на 8-та минута буквално во последни секунди Матија Ѕакањи, фудбалерот на Лацио со прекрасен гол израмни на 1-1:

Италијанците еуфорично го прославија голот и бодот кој ги носи во следна фаза. Матија Ѕакањи го постигна најдоцниот гол во историјата на настапите на италијанската репрезентација на Европски првенства. Гол во 97-ма минута и 19-та секунда.

Да го чуете италијанскиот коментатор на голот на Ѕакањи

Хрватска речиси сигурно е елиминирана (има некои теоретски шанси но треба да и се поклопат многу нешта). Модриќ беше испратен од терен со овации кога излезе од игра а на прес-конференцијата после мечот добил признание од италијански новинар кој му рекол дека е најдобриот играч што некогаш го коментирал и дека би сакал уште да игра и натаму.

25 јуни 2024 - 08:52