Приказната за фудбалскиот пат на Мартин Палермо

Лудиот фудбалер кој влезе во Гинис

Најдобриот стрелец во историјата на аргентинскиот фудбал е запишан во Гинис како првиот фудбалер што промашил дури три пенали на еден натпревар. Легенда е на Бока Јуниорс, а во Виљареал автограм на топката му барал малиот Фернандо Алонсо.

„Купувајте го веднаш!“ - викал Марадона во едно јавување на радио. Бока за него плати четири милиони долари, а Палермо за една година даде 52 голови и стана најдобар играч на Јужна Америка по избор на реномираниот уругвајски El País.
 
Голманот Пабло Миљоре го истетовира Палермо на грбот, учениците ја копираа неговата кратка фризура со бланширани шишки, а родителите на малиот Иван Малдонадо го префрлиле во друго школо, затоа што директорот барал да го ишишаат. Цела Аргентина стана на нозе за овој случај.
 
Џокејот Роке Муро ги обоил гривите на сите свои коњи во бојата на фризурата на Мартин Палермо, ликот на Палермо беше насликан на главната метро линија Д во Буенос Аирес. Во 1999. година, Палермо со двајца соиграчи Берисо и Гаљардо снимал реклама во зоолошка градина.
„Поздрави ги играчите Ихио“, му рекол чуварот на шимпанзото кој му пружил рака само на Палермо, не и на другите двајца.

Статусот најпопуларен човек во Аргентина, Мартин Палермо го доби на Копа Америка 1999-та година кога даде два гола против Еквадор. Познатиот Clarin тогаш излезе со наслов Мартин Титан, а набрзо следуваше и мечот против Колумбија на истиот Куп во Парагвај.
 
Во петтата минута од мечот - пенал за Аргентина. Решија да го изведе Палермо кој до тогаш не промаши во аргентинското првенство, па дури и кога се лизна против Платенсе и даде гол во пад со две нозе. Шутираше Палермо и ја погоди пречката. На 15 минути пред крајот Колумбија водеше 0-1, а Аргентина доби уште ден пенал и пак пријде високиот центарфор. Над голот! „Не, зошто зошто, како можеше пак?" - урлаше коментаторот Марсело Араухо.
 

Гаучосите примија уште два гола, (Колумбија доби два пенали, еден промаши) резултатот беше 0:3 а судијата Акињо пред крајот реши да свири уште еден пенал за Аргентина. Палермо ја зема топката и се сврти кон клупата: Никој не протестираше, а Симеоне, Рикелме и Сорин му покажаа палец. Само бекот Ајала го прашал Мартин: „Добар ли си"? -Да" - му одговорил Палермо.

Вечерта бил каменуван домот на неговите родители во Ла Плата, а телефонот им ѕвонел цела ноќ. Потпретседателот на Боливија го прашал Палермо дали сака да игра за Јапонија на мечот против неговата земја (тогаш и Јапонците играа Копа Америка), а селекторот на Аргентина Биелса го нарекол Палермо егоист.

Најпопуларниот човек во земјата влезе во Гинисовата книга на рекорди како прв фудбалер кој промашил три пенали на еден меч.

Што ли му требаше тоа? Да останеше голман како мал, немаше да мине низ срамот кој го јадеше со години.

На 6 години, Мартин трчал со постариот брат Габриел на тренингот на Естудијантес кога тренерот на пионерите Негро Серисола му свикал: „Ти буцко, оди да браниш". И малиот Мартин отишол. Тогаш тренирал со синот на легендата на Естудијантес, малиот Хуан Себастијан Верон и добил прекар El Loco (Лудакот). На малиот Хуан Верон му било непријатно поради татко му, а животот после 18 ексцентрични години го однесе на Лужники каде го освои Купот на УЕФА а стана и шампион на Италија и Англија.

Семејството Палермо во меѓувреме се преселило во друга област, родителите набрзо го убедувале постариот син да престане со фудбалот и да студира. Габриел го напуштил Естудијантес и играл само во населбата а со него и малиот Мартин Палермо кој го ставале да игра во нападот.

На 19 години се враќа во Естудиантес како напаѓач. Во пеколното дерби на градот Ла Плата со Химнасија, Мартин со лакт му скршил заби на противничкиот стопер, Гиљермо Скелото. Мајка му на Скелото го фатила брат му на трибините за коса, се вмешале и другите родители, а брат му на Мартин го изнеле од стадионот со полиција.

Палермо и Скелото учеле во исто школо, но секоја недела се тепале по дискотеките и баровите. Подоцна кога заиграле во првите тимови на ривалските клубови снимале реклама за Бургер Кинг а на мечевите не се гледале додека се поздравуваат како капитени.

Во 1997. година браќата Скелото преминаа во Бока, следниот ден дошол и Мартин и станале најдобри другари и врвни стрелци. Скелото до неодамна беше прв тренер на Бока Јуниорс.

Кога се враќал доцна од еден турнир во Росарио со младинците на Естудиантес, татко му го прашал: „Каде беше досега? Легнувај да спиеш утре сабајле си на тренинг со прва екипа. -Да, мисли си, му одговорил Мартин. Се јави тренерот да каже, утре си со првиот тим".

Со постарите не му одело како треба, првиот гол го дал дури после шест месеци, а работите се смениле откако ја запознал девојката Жаклин на одмор во Бразил. Во 96-та година го добил синот Ридуан, денови во кои дал четири голови на два натпревари од кои два против Бока.

Токму после тие голови и дресот кој го добил од Палермо, Марадона викал на радио дека Бока мора да го купи напаѓачот на Естудиантес.

По трансферот во Бока Јуниорс, Мартин не дал гол шест меча, а во седмиот после 30 секунди го совладал голманот на Индепендиенте - Фарид Мондрагон. Марадона тогаш се повредил и го играл последниот меч во кариерата.

Палермо и натаму го оспорувале дека е бавен, и несмасен, дека има вишок килограми, но во средината на '98-ма нов тренер на Бока стана Карлос Бјанки, уште еден позитивен лудак: „Само ќе го ставам во шеснаесетникот, а тимот ќе стори сè друго што треба".

Ова беше најдобар рецепт за Палермо кој стана прв играч на Јужна Америка и даде 50 голови за една година. Бока после шест години без трофеј освои две титули по ред со него и Рикелме.

Во меѓувреме најбогатиот европски клуб кон крајот на '90-те години, Лацио за него нудел 13,5 милиони долари, но претседателот на Бока, Макри барал 20 и Мартин Палермо да остане до декември во екипата.

Високиот центарфор продолжил да дава голови, но кон средината на ноември ги скинал лигаментите на мечот против Колон кога го постигна 100-от гол во кариерата. Голманот Бермудес го изнел на раце до автобусот, а Палермо паузираше цели шест месеци. Римјаните го поништиле трансферот затоа што не сакале повреден фудбалер.

По долга пауза, Палермо се врати на теренот и на тренинг дал два гола со кои го убедил тренерот Карлос Бјанки да го викне за мечот против Ривер Плата во полуфиналето на Копа Либертадорес. На 15. минути до крајот „Лудакот“ влезе и даде гол во победата од 3:0 на Бока. Наскоро дојде и финалето против Коринтијанс кое Бока го доби на пенали (татко му не можел да ја гледа пенал серијата поради Гинис).

Кулминација на одличната форма на Палермо беше мечот против Реал Мадрид на Интерконтиненталниот Куп кога два пати го матираше Икер Касиљас и ја качи Бока на светскиот врв.

Следуваа многу понуди, Наполи го гледаше високиот центарфор како наследник на Марадона, но незгодниот карактер го оддалечил Мартин од Сан Паоло. Пред сè по инцидентот во едно летувалиште во Уругвај кога претепал фотограф поради тоа што го сликал против негова волја.

На крајот ја прифати понудата на Виљараел каде го пречекаа 500 навивачи на аеродромот во Валенсија. На пат кон стадионот на промоцијата, претседателот на Жолтата подморница, Фернандо Роиг му рекол: „Мартин, едно дете мечтае со денови да му ја потпишеш топката. -Нема проблем, кое дете? - Фернандо. Фернандо Алонсо“.

Девет месеци подоцна Палермо лежеше на теренот со двојна скршеница на ногата на стадионот на Леванте.

По долга пауза срцето го влечеше во местото каде има адреналин, борба за титула, хук од аргентинските стадиони и безумие. Се врати во Бока кај тренерот Алфио Базиле и со нив освои пет трофеи за 13 месеци (Копа Судамерикана, два Супер Купа и две првенства).

Ја заврши кариерата како најдобар бомбардер во историјата на аргентинската лига, стана тренер на Годој Круз и Арсенал Саранди а пред некоја година стана и дедо - ќерката од првиот брак на неговата сопруга (Палермо не ѝ е биолошки татко) доби син со помалиот брат на Кун Агуеро.