Пред неколку месеци сè беше различно за младинците на Шахтјор: Спортскиот центар Кирша, голем три илјади квадратни метри, целосно опремен и исполнет со персонал во изобилство.
Следуваше крвавата војна, која како со чекан да го удри Донетцк и неговиот фудбал. Го распукна, но не го скрши. Во петок, фудбалерите на Шахтјор до 19 години во Нион ќе го играат првото полуфинале на младинската ЛШ, против белгискиот Андерлехт. Другото финале е Рома - Челси.
Неизвесен пат, ист како оној кој трае 4 часа со кола по замрзнатите улици до Киев, каде младинците играат за првиот тим. Донбас Арената веќе неколку месеци е заложник на војната меѓу украинските и про-руските сили, кои го гранатираа модерниот стадион во Донетцк. Од тие причини, првата екипа на Мирчеа Луческу тренира и работи во Киев, на теренот во местото Леопол.
На тој начин, кога фудбалер од У-19 ќе биде повикан да игра со Б тимот на Шахтјор, треба да патува 4 часа до главниот град. Од пред две години, директор на младинската академија на Шахтјор е Португалецот Мигел Кардозо од Брага, кој веќе работел како помошник во Спортинг и Депортиво.
Шахтјор У-19 стигна на Фајнал форот во Нион после победите над Олимпијакос и Бенфика на пенали. Неколку играчи од овој состав веќе имаат професионални договори со првиот тим, како на пример Виктор Коваленко (роден 1997-ма). Младиот Коваленко сезонава одигра 7 натпревари во ЛШ со своите врсници и даде еден гол.
„Игра со двете нозе, страшно е талентиран. Не е многу брз, но затоа технички е многу подготвен. Сигурно го чека светла иднина во голем клуб“, вели Карло Николини, кондиционен тренер во клубот.
Одлична перспектива има и Микола Матвиенко, централен дефанзивец кој веќе се носи со напаѓачите од првиот тим. Голем удел во успехот на Шахтјор У-19 има и Олех Кудрјук, херој во пенал сериите, висок и крупен голман кого Јувентус го планира за во иднина. Во средниот ред, највпечатливо игра малиот Бека Вачиберадзе, мајстор за слободни удари и прекини. Тренер на екипата е Валериј Кривенцов, кој знаел често да го менува капитенот на екипата за секој да се почувствува лидер.
Сега ги чека Андерлехт, потоа Челси или Рома, а потоа светла иднина.