Лисици за пола управа на Барселона - Бартомеу приведен за перење пари, мито и корупција

Проблемите во Барса продолжуваат. Утрото на 1. март во канцелариите на клубот на „Камп Ноу“ дошла полиција, а целото здание било опколено поради претрес.

Каталонското радио Cadena Ser меѓу првите во понеделникот соопшти дека довчерашниот прв човек на Барса Жозеп Бартомеу бил приведен во неговиот дом, а рано утринава е пуштен на условна слобода откако дал изјава кај судија.

Заедно со Бартомеу задржани биле и водечките луѓе во управата на Барса: извршниот директор Оскар Грау, шефот на правниот сектор Роман Гомез Понти и советникот на претседателот Жауме Масферер.

Cadena Ser соопшти и дека причина за информативен разговор биле: злоупотреба на службена должност, корупција и перење пари. Шпанските медиуми сметаат дека сите обвиненија водат до тн. „Барса-гејт“.

ШТО Е ТОА БАРСА ГЕЈТ?

На крајот од февруари минатата 2020-та каталонското радио Cadena SER објави дека клубот плаќал сериозни пари на аналитичката компанија I3 Ventures со цел да ангажира ботови кои на социјалните мрежи ќе го бранат претседателот Бартомеу а ќе ги критикуваат играчите во прв ред Меси, Пике, па дури и Пеп Гвардиола и сите противници на Бартомеу.

Барса за таа услуга платила 1 милион евра клупски пари, но според истрагата, сумата е шест пати поголема од пријавената.

Исплатата одела во рати и секоја била помалку 200.000 долари, затоа што ако сума за некаков договор надминува 200.000 долари, таа моа да помине кај советот на директори. Поради тоа Бартомеу сакал на овој начин да ја сокрие соработката со I3 Ventures.

Фудбалерите не беа многу погодени од критиките по социјалните мрежи. Меси во едно интервју изјави дека скандалот поминал покрај него и не го приметил многу зошто во клубот имало поважни работи од навреди на интернет.

А Жерар Пике еднаш отворено рече:

„Тоа е просто одвратно, што мене како играч на Барселона ме критикува некој на кој клубот потрошил пари кои сега му се потребни на клубот. И тоа критика не на некој човек од страна кој претходно бил во клубот, туку на актуелни фудбалери“.

Управата на Барса наводно вети истрага за целиот случај, но Бартомеу прво настојувал оставка да даде потпретседателот Емили Русо. Тој бил близок соработник на Бартомеу дури и го гледале како кандидат на Жозеп за негов наследник на изборите.

Отпуштениот Русо прв покажал со прст во Бартомеу за корупција:

„Корупцијата во клубот е очигледна. Клубот ги тргна сите информации за договори со различни компании од кои една е во офшор зона. Тоа е со цел да се избегне внатрешна контрола и да се добие позитивно мислење од финансискиот комитет и советот на директори. Обрнав внимание на тие нарушувања и затоа ме избркаа.

Кога плаќаш милион евра за услуга која чини 100.000 евра тоа веќе заслужува прашања. Сега има истрага која ќе покаже како било се. И Бартомеу знае за тоа. Ужасно дело. Некој ја крадеше клупската каса. Кој е тоа? Некој од управата. Не знам но има сомненија“, рече Русо.

Клубот го даде Русо на суд за клевета. Тој замина од клубот а со него уште 6 членови на советот на директори.

Полицијата ги собирала сите натписи во медиумите и добила писмо за проверка на состојбата во клубот. El Mundo имал увид во ревизорскиот извештај за кој полицијата сметала дека има пренамупмани договори и транши на ситни делови за да може да се кријат диловите на Бартомеу од управниот одбор и да може да има лична корист за некои учесници во трансакцијата.

Во зделките бил замешан и уапсениот Жуан Масферер - десна рака на Бартомеу. Тој договорил матна соработка со I3 Ventures. Жозеп наводно изјавил дека Масферер дал оставка, ама и полицијата и Русо објавиле дека тој и натаму е на должност и прима плата.

Во јули лани Барселона претставни еден „финансиски отчет“ од аудиторската компанија PWC која наводно не нашла сериозни финансиски нарушувања, но не може да се занемари фактот дека извештајот го нарачале токму оние кои можеле да имаат корист од наводните матни игри.

На крајот на октомври Жозеп Бартомеу, целиот совет на директори во клубот и клучните менаџери во тимот на претседателот дале заедничка оставка. Решиле да не чекаат сосиосите (навивачите со членска карта и право на глас) да изгласаат импичмент.

Изборот на нов претседател е закажан за 7 март. Има тројца кандидати за прв човек на Барселона: Жоан Лапорта, Виктор Фонт и Тони Фреја.

Лапорта е единствениот претседател на Барселона во ХХI век кој не бил апсен од полиција. Пред него со клубот раководеше Хозе Луиз Нуњез кого во 2011-та го осудиле за давање мито. После Лапорта Барселона ја водеше Сандро Росел кој заврши во затвор поради присвојување пари од трансферот на Нејмар. Сега ред за лисици дојде и на Бартомеу.