Краток список на сите тешки порази на Пеп Гвардиола

Манчестер Сити претрпе убедлив пораз од 4-1 од Спортинг Лисабон во Лига на шампиони. Ова е сензационален резултат и од фактот што Сити три порази по ред не забележал цели четири години. Верувале или не, за речиси 500 натпревари (488 попрецизно) на клупата на Сити ова е само петти тежок пораз на „граѓаните“ под водство на Гвардиола.

Epa images

Пеп Гвардиола смирено се појавил синоќа на прес-конференцијата по дебаклот 4-1 од Спортинг Лисабон. На констатација на новинар дека Бернардо Силва после мечот изјавил како Сити се наоѓа во „темнина“ поради лошата форма, Пеп одговара: „Не. Не се согласувам со него. Не сме во темнина. Тоа е фудбалот, тоа е животот. Го сакам ова, го сакам овој предизвик“.

Најдобриот тренер на денешницата како тренер на Сити има само пет убедливи порази, меѓу кои и гореспоменатиот од Спортинг Лисабон. Кои се тие?

4-0 ОД БАРСЕЛОНА (Лига на шампиони 2016/2017)

Гвардиола ја започна одисејата со Сити на одличен начин со неколку триумфи во серија во сите натпреварувања. Сепак во Лига на шампиони загуби 4:0 на првиот меч од Барселона во Лига на шампиони кога голманот Клаудио Браво кој токму од Барса премина во Сити доби црвен картон на почеток на вториот дел и тогаш колата на Манчестер тргна низ брдо.

„Граѓаните“ тогаш се држеа добро иако примија гол од Меси во 17-та минута но негативата од еден гол им траеше до 61’ минута од кога им почна потопот кој го креираа Меси (хет-трик) и Нејмар. Подоцна и Барселона остана со 10 играчи а на крај славеше 4-0.

На дуелот во Манчестер, Сити одговори со 3-1 но Барса заврши прва во група.

4:0 ОД ЕВЕРТОН (Премиер лига 2016/2017)

Тогаш Евертон го тренираше Роналд Куман кој и не се прослави многу на клупата на „карамелите“. Овој пораз од 4-0 е најубедлив за Сити на Пеп во Премиер лигата а и воопшто не само во Премиер.

Тогаш Гвардиола користеше ромб со Пабло Забалета а на крила му беа Клиши и Сања. Куман му одговори со тактика „автобус“ пред голот и со пет одбранбени играчи кои спокојни ги чуваа Стерлинг и Агуеро. Рос Баркли развиваше контри а напаѓачите реализираа.

После овој пораз Сити тогаш падна на 5. место во Премиер лига. „Можевме да добиеме пенал по дуелот на Стерлинг со голманот. Тие дадоа гол од првата шанса а ние пропуштавме прилики. Така се случува во поголем дел од сезоната. кога нашите ривали ќе добијат шанса не казнуваат“, се жалеше Пеп.

3:0 ОД ЛИВЕРПУЛ (Лига на шампиони 2017/2018)

Еден од првите мега дуели кои Клоп и Гвардиола ги имаа низг годините. Во четвртфинале на Лига на шампиони Ливерпул со силен пресинг ја затвори секоја идеја на Сити и уште во првиот дел растури со три гола во мрежата на гостите од Манчестер.

„Противникот ниеднаш не шутна во гол. Немам појма како тоа ни успеа“, се чудеше Клоп после мечот.

Домашниот терен на Јирген секогаш беше неудобен за Гвардиола а на тој натпревар Пеп експериментираше со Емерик Лапорт како лев бек, Кевин де Брујне повлечен зад средниот ред со Фернандињо, Гундоган на десно крило и др. Сите овие проби ги имаше и на други натпревари но ниту една истовремено на еден меч.

Сити во тој момент веќе изгуби три меча по ред (како сега). Тоа беше април 2018-та: два пати од Ливерпул а меѓу двете четвртфиналиња изгубија и 2:0 од Манчестер Јунајтед кога Пол Погба и Жозе Мурињо уште не сакаа да ја дадат титулата на комшиите.

5:2 ОД ЛЕСТЕР (Премиер лига 2020/2021)

Почеток на најчудната сезона во време на глобална пандемија. Брендан Роџерс стартуваше идеално: три победи во првите три кола од Премиер лига со Лестер. На гости го разнеа Манчестер Сити 2:5.

Тогаш моќниот тим на Гвардиола прв поведе а потоа Џејми Варди кој играше во животна форма постигна хет трик и тоа сите три гола му беа од пенал. „Тројца различни стопери прават една иста и проста грешка. Делуваат наивно“, кажа тогаш аналитичарот Гери Невил.

Пеп Гвардиола изјави дека поради крајот на Лига на шампиони каде стигнаа до финале, Сити практично немал пред-сезона и подготвителни натпревари. За мечот со Лестер не беа спремни Габи Жезус, Агуеро, Бернардо Силва, Гундоган, Жоао Кансело, Александар Зинченко.

 

6 ноември 2024 - 09:18