Поранешниот заменик претседател на ФИФА, Џек Ворнер се откажа од управното тело на светскиот фудбал во 2011 година, откако беше суспендиран поради обвинувања за корупција и мито на претседателските избори.
ФИФА денеска соопшти дека Ворнер правел и други незаконски дејствиа.
„Етичкиот комитет со кој претседава Ханс Јоаким Екерт, одлучи да му забрани на поранешниот заменик-претседател на ФИФА и член на Извршниот комитет, како и претседател на КОНКАКАФ, Џек Ворнер, доживотно да не може учествува во било каков вид на фудбалска дејност на национално и меѓународно ниво“, стои во соопштението.
Од таму соопштуваат дека одлуката е донесена од страна на истражните комори на Комисијата за етика, а се однесува на наддавањето на процесот на Светските првенства во 2018-та и 2022-та година.
Ворнер доби “донации“ од Австралија за да им помогне да ја добијат битката за домаќини на СП 2022, а потоа прими мито и од Катар.
Оваа одлука од Светската куќа на фудбалот доаѓа откако американските власти бараат Џек Ворнер да биде екстрадиран во САД поради тоа што е обвинет за рекетирање, измама и перење пари.
Пред пет дена Швајцарското обвинителство покрена кривична постапка против Сеп Блатер кој се сомничи дека учествувал во криминални малверзации и проневери.