Сеп Блатер е под истрага за криминал во ФИФА

Швајцарското обвинителство отвори кривична постапка против првиот човек на Светската фудбалска федерација кој е во заминување. Се сомничи дека назаконски му префрлал пари на Мишел Платини.

Според првичните информации од Канцеларијата на генералниот обвинител на Швајцарија, отворена е кривична постапка против претседателот на ФИФА, Сеп Блатер под сомневање дека учествувал во криминални малверзации и проневери.

Обвинителството се сомнева дека на 12 септември 2005 година Блатер потпишал договор за ТВ права со првиот човек на Фудбалската федерација на Карибите, Џек Ворнер во кој ја прекршил својата должност и постапил спротивно на интересите на ФИФА.

Втората незаконска работа за која се сомничи долгогодишниот прв човек на ФИФА е нелегална исплата од 2 милиони швајцарски франци на Мишел Платини, првиот човек од УЕФА која била направена за извршена работа во периодот меѓу 1999 и 2002 година, а плаќањето било извршено во февруари 2011-та.

Веднаш по соопштението на Обвинителството на Швајцарија, се огласија и од ФИФА:

„Од 27 мај 2015-та, ФИФА соработува со Канцеларијата на генералниот обвинител на Швајцарија и ги почитува сите барања за документи, податоци и други информации. Ние ќе продолжиме со ова ниво на соработка во текот на истрагата. Денес во домот на ФИФА, претставници од кабинетот на Швајцарскиот обвинител направија неколку разговори и собраа документи кои им се потребни за истрагата. Немаме дополнителни коментари по ова прашање во текот на истрагата која е активна".

ФИФА денеска ја откажа прес конференцијата која беше закажана во 12 часот без никакво објаснување. На пресот се очекуваа прашања до Блатер за американската и швајцарската истрага за корупција во ФИФА, како и за одлуката минатата недела да биде суспендиран Џером Валке кој се сомничи за криминал.

Во мај годинава 79 годишниот Швајцарец беше реизбран по петти пат за претседател на ФИФА и покрај тоа што изби голема афера во која беа уапсени 14 високи функционери на ФИФА.

Инаку извршниот комитет на ФИФА денеска го објави датумот на стартот на првиот зимски Мундијал.

25 септември 2015 - 16:49