Со отказот на Мигел Ерера, само неколку часа откако на Мексико му го донесе рекордниот седми трофеј во Голд Купот (првенство на Северна и Средна Америка), заврши ерата на еден од најсимпатичните селектори во модерната историја.
Ерера стана селектор на Мексико кога селекцијата беше деморализирана и пред колапс во квалификациите за Светското во Бразил. Преку бараж со Нов Зеланд ја одведе репрезентацијата на Мундијалот, каде против Холандија секунди ги делеа од четвртфиналето. Со триумфот на Голд Купот, Мексико закажа дуел против САД на 9. октомври кога ќе се одлучи кој ќе го претставува Конкакаф на Купот на Конфедерации 2017. година во Русија.
Како што го опишува Роџер Бент во Мен ин Блејзерс, Ерера е тип на човек што му донел толку радост со прославата на секој гол отколку секој Англичанец од неговата генерација.
Токму таа харизма која го крена, на крајот и го спушти Ерера на земја, затоа што доби отказ откако вербално и физички го нападнал коментаторот на ТВ Ацтека, Кристијан Мартиноли во понеделникот на аеродромот во Филаделфија.
„Одлуката не беше едноставна, но е коректна. Натпреварите за селекторот никогаш не завршуваат и како јавна личност тој треба да го знае тоа. Наша проценка е дека морал да се издигне над ситуацијата што ја видовме во понеделникот на аеродромот во Филаделфија“, изјави Десио де Марија, претседателот на фудбалската федерација на Мексико.
Ерера и новинарот Мартиноли извесно време не се поднесувале, а судир во најава бил Твитот на коментаторот кој го опишал Ерера како barrabrava (бандит, простак), на што овој му реплицирал:
„Не сум таков, но се надевам дека ќе те најдам некаде па ќе може да ги воочиме разликите“. Го најде на аеродромот во Филаделфија, а другото стана историја.
Парадоксално, токму новинарот бил најзаслужен што пред две години Ерера стана селектор. Мексико тогаш беше на прагот да ги загуби квалификациите за СП во Бразил, кога САД иако не им требаше, успеа да израмни 2:2 против Панама и на тој начин да му овозможи на Мексико да игра плејоф за Мундијалот против Нов Зеланд.
Ви лав ју Статос Унидос, ви лав ју:
Коментаторот на државната телевизија урлаше како ги сакаат САД и како е време селекторот Виктор Мануел Вучетиќ да си ги собере парталите и да дојде некој кој ќе има храброст да ги води овие поспани фудбалери во решавачкиот бараж.
Инаку не е прв пат Ерера да биде избркан од репрезентацијата поради насилно однесување. Како играч беше исклучен против Хондурас во решавачкиот меч за пласман на СП 1994. година. Цел натпревар се рчкаше со Долмо Флорес за да во вториот дел му влезе душмански со две нозе и да добие директен црвен картон.
Од 1:06 па натаму грубиот Ерера:
Едноставно кажано, Ерера освои трофеј на Голд Куп но ја загуби работата поради бурниот темперамент. Мексиканците гледаат негова замена во тренерот на Сантос Лагуна, Педро Каичиња или тренерот на Монтереј Антонио Мухамед кој на селекцијата би ѝ донел мир.