Контурите на новиот Интер сериозно го предизвикуваат Јувентус

Едно е сигурно - ќе гледаме трка меѓу „Сарибол“ и прагматичниот жесток стил на Антонио Конте. За разлика од претходните сезони кога не знаеше кај тера, Интер овојпат делува, макар наизглед, сериозно намерачен да му се испрси на Јувентус.

Неодамна пишувавме за Антонио Пинтус, новиот кондиционен тренер на Интер, искусна фигура која што правеше ѕверови од фудбалерите на Реал Мадрид кои три пати по ред беа европски шампиони, а работеше и во Челси, Монако, Јувентус и многу други клубови.

Роден Торинец, Пинтус ќе се обиде заедно со Конте и Бепе Марота да ја прекинат апсолутната хегемонија на „старата дама“.

За тоа колку сериозно Конте и Пинтус ги спремаат играчите на Интер, говори и фактот дека базата им изгледа како воен логор: интензивни спринтерски тренинзи, динамичен фудбал и измачени лица на фудбалерите (наводно Борха и Кандрева не можеле да одат од замор).

Интер поставува темели за целата сезона, нешто што не беше случај во претходните сезони кога по крајот на есенскиот дел, на пролет играчите паѓаа во форма.

За тактиката мисли Конте кој ќе го преоринтеира тимот на омилената 3-5-2 формација. Интер има одлична трансфер кампања, донесе неколку сериозни засилувања меѓу кои најзвучни се фантастичниот Австриец (се уверивме во Скопје на дуелот од квалификациите) Лазаро, искусниот Диего Годин, младите бисери Барела и Сенси.

КОНТЕ ПЛАНИРА НАВРЕМЕНА РОТАЦИЈА

Пред незаменливиот Самир Хандановиќ ќе биде трио централни бекови: Шкриниар, Де Врај и Диего Годин. Тука е уште и одличниот Бразилец Миранда кој конкурира за место во тимот. Конте ќе може да смета и на ветеранот Ранокија, како и на младиот Бастони кој имаше одлична сезона лани во Парма на позајмица.

На крилните позици, за разлика од минатата сезона кога Спалети инсистираше на „терцино“ (офанзивни бекови), овојпат Конте ќе се потпре на физички моќните Иван Перишиќ, Квадмо Азамоа, Валентино Лазаро (дојде од Херта, син е на Анголец и Гркинка), како и Кандрева.

Во средината од теренот (кај Спалети имаше тројца играчи), а Конте решил дека контроверзниот Раџа Наинголан не му треба и дека слободно може да си оди (Раџа заедно со Икарди е отрстранет од тактичките презентации на подготовките).

Затоа Конте се ршеи за Стефано Сенси и Николо Барела, млади таленти кои веќе играат за сениорската репрезентација. За вториов Интер на Каљари му плати 45 милиони плус 4 милиони евра за бонуси што е израмнување на клупскиот рекорд (Нераѕурите претходно во 1999 година го платија Кристијан Виери 90 милијарди лири или 45 милиони евра).

Барела е идеален фудбалер за Конте. Динамичен, корисен во одбрана, силно мотивиран, плус од дете навивал за Интер и сакал само на „Џузепе Меаца“. Стефано Сенси е повеќе „реџиста“, технички обдарен плејмејкер кој игра од длабочина и има увид на целиот терен.

Освен нив двајца, Антонио ќе може да смета и на Брозовиќ, Весино, Борха Валеро и Жоао Марио (би можел скоро да замине од Интер).

НАПАДОТ Е ЕНИГМА

Скандалозниот поранешен капитен на Интер Икарди скоро сигурно ќе замине од клубот. Конте му ставил до знаење дека не го гледа во тимот, што поради карактерните особини, случувањата надвор од теренот, како и поради тоа што за време на натпреварите не се занимава со тоа што прави екипата.

Интер ќе игра со двајца напаѓачи од кои едниот сигурно ќе биде Лаутаро Мартинез кој блесна на Копа Америка. „Ел Торо“ знае самостојно да заврши напад, а знае да делува и од позадина. Сега Интер му бара партнер во нападот а има две варијанти: Един Џеко или Ромелу Лукаку. Ако Манчестер Јунајтед не ја намали цената на Белгиецот (наводно бараат 85 милиони евра), Интер ќе тргне по Анте Ребиќ од Ајнтрахт, пишуваат италијанските медиуми.

ДАЛИ Е ОВА НА НИВО НА ЈУВЕНТУС?

Се поставува логично прашање: дали Интер вака скоцкан може да го предизвика Јувентус кој исто не седи во место туку работи на трансфер пазарот (донесоа квалитетни играчи како слободни агенти и плус Де Лихт).

Шансите на Интер да се бори за скудетото уште се не јасни, а времето ќе покаже колку се кадарни да му парираат на Јувентус.

Сигурно е дека ќе гледаме битка на „Сарибол“ против жестокиот стил на Конте. Тренерот на Интер е и одличен мотиватор (докажа со Јуве и Челси).

16 јули 2019 - 11:04