Челино важи за еден од најконтроверзните претседатели во Серија А кој веќе 22 години е на чело на фудбалскиот клуб Каљари. Во судскиот регистар влезе уште во 1996 година кога заедно со сестра му, на ЕУ и италијанскиот министер за Агрокултура им направија измама со откуп на жито тешка околу 10 милиони евра.
Случајот беше затворен дури во 2000 година, а Челино мина со најблага казна. По една година направи уште една финансиска измама, овој пат во неговиот фудбалски клуб за што доби казна затвор од 1 година и 3 месеци.
Најновиот скандал во кој повторно беше главен играч, се случи минатата сезона околу случајот со стадионот „Ис Аренас“ на кој се пресели неговиот тим. Челино заедно со градоначалникот направи проневера со парите со кои требаше да го реновираат стадионот кој не ги исполнуваше безбедносните услови.
Неговиот тим беше приморан неколку натпревари да одигра на неутрален терен, а моќниот газда успеа да куртули со само 16 дена притвор. По некои негови постапки потсетува за Ѕампарани на кој може да му конкурира со 27 отпуштени тренери или поточно 35 врачени откази за две декади.
Неговиот најголем успех е пласманот на Каљари во полуфиналето од Купот на УЕФА во 1994 година, како и полуфиналето во Купот на Италија. Во 2003 година успеа од Челси да го доведе славниот Џанфранко Ѕола кој и покрај поголемите понуди од Челси реши да го засили тим од Сардинија кој потоа од втора лига експресно го врати во Серија А.
Оваа не е негов прв обид да купи англиски клуб. Во 2010 година имаше желба да го презеде тимот на Вест Хем, но тргна со една глупа идеја, а тоа е штом стане газда да го отпушти тренерот на клубот а тоа беше Ѕола, најзаслужниот што Каљари се врати во прва лига.
Челино важи и за суеверен човек кој на стадионот на Каљари одлучи да го отфрли седиштето со број 17, затоа што во Италија се смета за малерозен. Кога ќе се напише со римски цифри, бројот 17 е XVII, а ако се смени анаграмски, се добива VIXI. Тоа Италијанците ги асоцира на латинската фраза која се преведува како „Јас живеев", односно „Мојот живот заврши".
Масимо Челино знае многу добро “да си полни батериите“. Во слободно време свири на гитара во рок групата „Маурилиос“ со која одржува хуманитарни концерти на Сардинија.
Пред два дена стана мнозински сопственик на англискиот второлигаш Лидс каде не доби топло добредојде од навивачите.