Повеќето навивачи на Арсенал го паметат како Ганерзаурус, диносаурусот кој е маскота на овој клуб од 1994. година. Тешко да не сте го забележале кога се вози во автомобил со отворен покрив, кога стои на едно-минутното молчење заедно со играчите на теренот или кога го плашеше Џон Тери пред дербито со Челси.
Но малкумина знаат точно како или зошто клубот од северен Лондон се решил да избере 2,5 метра висок диносаурус како свој корпоративен претставник.
Неговата невина појава речиси и да го оживува стариот добар фудбал кој се загуби во хиперкомерцијалниот фудбалски XXI век. Во сезоната 1993/1994 клубот објавил конкурс за млади навивачи кои требале да смислат нова маскота. Избрани се два предлози, но на крајот предност добила верзијата на Питер Лавел, кој ја нарекол Ганерзаурус Рекс.
„Целиот живот сум навивач на Арсенал. Мајка ми и татко ми беа големи вљубеници во Арсенал, исто како и баба ми и дедо ми. Арсенал е во нашата крв. Кога се одржа конкурсот за млади Топџии за креирање на маскота, веќе бев активен член на оваа заедница. Живеевме во Лондон близу Хајбери. Како дете често цртав и додека цртав имаше некој стрип серијал за диносауруси со кои бев опседнат. Потоа се појави и Џурасик парк. Од таму ми дојде идејата за име на маскотата", ја почнува својата приказна Питер Лавел.
Маскотата е неизоставен дел од сите натпревари на Арсенал на Емирати.
„На тој начин почнав да го замислувам овој голем, но другарски диносаурус кој во тоа време мислев ќе ја покажува силата и лутината на фудбалскиот клуб Арсенал. Кога мајка ми ги виде скиците рече дека изгледаат прекрасно. Имав 11 години, бев многу импресиониран и помислив: Тоа мора да биде конечно решение".
Неколку недели подоцна, Питер видел дека неговиот цртеж влегол меѓу потесниот избор за натпреварот. Му се јавиле од клубот да му кажат дека Ганерзаурус Рекс ќе биде избран за маскота на Арсенал.
„Ме викнаа на свечената инаугурација на маскотата. Отидов со Ганерзаурус околу теренот, ме држеше за рака и после го запознав дечкото што беше внатре. Во следните 20 години гледав во чудо како мојот мал Ганерзаурус стана сакан и почитуван дел од Арсенал".
Питер вели дека каде и да оди го среќаваат навивачи на Арсенал и го частат пијалаци за најубавиот изум што го направил.
„Добив таква инјекција на самодоверба што ниту наставниците по уметнички не можеа да ми замерат нешто, затоа што веднаш ги прашував: Колку маскоти за премиерлигашките клубови сте направиле"?
Повеќе од 20 години по изумот, диносаурусот и натаму игра голема улога во неговиот живот. Ганерзаурус беше гостин и на неговата свадба во 2013. година.
„Без да знаеме јас, жена ми и моето семејство, мојот кум стапил во контакт со Арсенал. По мојот говор, следуваше говор на кумот кој ја раскажа приказната за Ганерзаурус Рекс. Јас бев искулиран, но во еден момент од завесите се појави Ганерзаурус Рекс со писмо потпишано од Арсен Венгер и сите играчи. Бев шокиран", вели Питер Лавел.
„На свадбата имаше многу навивачи на Арсенал, но никој не знаеше што ќе се случи. Уште повеќе се шокирав кога видов дека маскотата ја носи истиот човек што ме држеше за рака по теренот кога имав само 11 години. Тоа беше голем ден, голем момент за мене", додава Питер.
Питер речиси татковски гледа на својата гордост, Ганер(од Ганерс)заурус Рекс.
„Тој не само што е најдобра маскота во Премиер лигата, туку е и највесела, најслатка. Имаме прекрасна маскота. Скоро ќе заплачев кога го видов како се гушка со Цеск Фабрегас на последниот натпревар за Шпанецот на Емирати во 2011. година", ја завршува својата животна приказна Питер Левал.