Кој е новиот анонимен тренер на Наполи?

Валтер Мацари очекувано доби отказ од претседателот на Наполи Аурелио Де Лаурентис поради катастрофалните резултати на екипата под негово водство. На клупата на шампионот на Италија седнува селекторот на Словачка, Италијанецот Франческо Калцона. Помошник ќе му биде легендата на Наполи Словакот Марек Хамшик.

Во Неапол се случи она што се очекуваше.

„Му благодарам на Валтер Мацари пријател на Наполи и семејството Де Лаурентис кој дојде на помош во тешко време. Ќе остане во срцата на Наполитанците и на нашата фамилија. Добредојде за Франческо Калцона кој веќе работеше со нас со Сари и со Спалети“, вели Аурелио кој го отпуштил Мацари.

После очајниот старт на сезоната со Руди Гарсија кој од шампионска екипа направи карамкаша, дојде човекот кој на времето со успех го водеше Наполи. Но овојпат беше полош и од Гарсија. Наполи забележа само 6 победи на 17 меча во сите натпреварувања. Иако тргна со триумф во Бергамо против Аталата, Мацари претрпе тешки порази од Реал, Интер, Јувентус но и од далеку послаби противници во Серија А.

Дебаклот 0:4 од Фрозиноне на домашен терен ја прелеа чашата. Наполи притоа првпат за цели 12 години одигра меч без шут на гол (против Лацио). Во јануари Торино ги згроми со 3:0. Изгубија и од Интер 1:0 во Суперкупот.

Get Football News Italy пишува и дека Мацари со најдобриот играч на екипата и лидерот кој го донесе скудетото минатата сезона Нигериецот Виктор Осимен се однесувал рамнодушно и како и со сите други играчи. Елиф Елмас исто не стекнал доверба кај Мацари па откако внатрешно побарал трансфер го пратиле да тренира одвоено од екипата, а Пјетр Зелински одличниот Пољак веќе договори преселба во Интер и тоа како слободен агент на лето поради што и тој е исфрлен од екипата до крај на сезоната.

Поради лошиот амбиент во екипата отпуштен е Валтер Мацари.

КОЈ Е НОВИОТ ТРЕНЕР НА НАПОЛИ?

Франческо Калцона практично никогаш не играл сериозен фудбал: настапил на три меча во Серија Б за Арецо и еднаш одиграл во Куп на Италија. По крај на скромната играчка кариера станал тренер на аматерскиот клуб Теголето и продавал кафе.

Самостојно Франческо Калцона тренирал само аматерски тимови во пониските лиги. Бил помошник во Перуџа, Соренто, Алесандрија, Емполи и Каљари, а кариерата му процватила благодарение на големиот Маурицио Сари. Се запознале во 1999-та година кога Франческо го препорачал Сари да биде тренер во Теголето наместо него. Од тогаш станале мошне блиски пријатели.

Кога Сари почнал да покажува сериозна тренерска умешност и го внел клубот Теголето во повисок ранг, добил повици и од поголеми екипи. Од тој момент Сари му се оддолжил на другарот и го повикал Калцона да му биде помошник и тие двајца работеле заедно цели 10 години: од 2008-ма до 2018-ма Маурицио имал разни авантури во италијанскиот фудбал а Калцона му бил верен сопатник.

Сари со него дошол и во Наполи каде Калцона останал и по заминувањето на Маурицио. Во сезоната 2021/2022 Калцона му бил помошник на Лучано Спалети но го пропушти остварениот сон на Наполитанците - освоено скудето следната сезона.

Интересно, во јули 2022-ра Франческо Калцона на предлог на Марек Хамшик добил повик да стане селектор на Словачка.

„Франческо го разбира фудбалот како ретко кој. Тој може да ја оживее екипата. Беше близу шампионска титула, а такви тренинзи како неговите јас немам видено кај никој во Италија“, му дал комплимент Хамшик кој станал и негов помошник во репрезентацијата.

Резултат? Калцона ја одведе Словачка на Европско 2024 и претрпел само три порази на 14 меча со сериозни ривали. Договорот му е до крајот на Европското првенство но се очекува да го продолжат.

Прашање е само како ќе се одрази состојбата на Наполи и тамошните предизвици на Калцона на словачката репрезентација. И како ќе игра Наполи под негово водство. Прва препрека им е ни помалку ни повеќе Барселона и тоа утревечер на 21-ви во 1/8 финале од Лига на шампиони.

20 февруари 2024 - 10:31