Триесет и едногодишниот голман на Мароко одбрани два пенали плус еден заврши во стативата (Шпанците промашија дури три) и стана втор голман кој не примил ниту еден гол во пенал серија на Светско првенство.
Прв беше Украинецот Александар Шовковски во 1/8 финалето на Светско 2006.
Овој чувар на мрежата е познат на љубителите на шпанскиот фудбал зошто најголем дел од својата кариера мина на Пиринеите. А тешко стигнал до врвот.
БУНУ ТЕШКО СЕ ПРОБИВАЛ ВО ФУДБАЛОТ И ПЛАНИРАЛ ДА СЕ ОТКАЖЕ
Јасин Буну е роден во канадски Монтреал но на три години се преселил со родителите во Мароко. Многу го сакал фудбалот уште од мал но татко му не сакал цел живот на син му да му биде врзан само со спорт.
Јасин успеал да ги убеди родителите и на осум години почнал да тренира фудбал во школата на Видад, еден од најголемите и најтрофејни клубови во Мароко.
Почнал да игра во поле но брзо сфатил дека повеќе е за на гол. Висок е 195 сантиметри.
„Цело детство го поминав со топка во нозе. Во Казабланка каде живеев, игравме на локален паркинг. Голови ни беа кантите за ѓубре“, се сеќава Буну.
Кога имал 17 години добил повик за проба во француска Ница но поради бирократски потешкотии не можел да потпише договор со овој клуб и се вратил во татковината. Продолжил да брани за Видад и стигнал до прв тим.
Во ноември 2011-та година 20-годишниот Јасин дебитирал во сениорски фудбал. И тоа каква шанса добил кога првиот голман бил повреден а Буну застанал на голот во големот финале на африканска Лига на шампиони. Видад изгубил од туниска Есперанса пред 80.000 гледачи но Јасин бранел одлично.
Запишал 9 меча и веќе во летото 2012-та преминал во големиот Атлетико Мадрид. Но како што таму конкуренцијата е жестока, тој за четири години немал ниту еден првотимски настап. Го праќале често на позајмици за да се кали и стекне искуство.
„Не се адаптирав баш добро во Атлетико. Во прво време сакав да се вратам дома, не бев среќен. Уште не сфаќав дека светот на професионалниот фудбал е многу захтевен, дека треба да живееш само за фудбал. До крај не ми беше јасно дека играм за топ клуб и мора да се биде на ниво“, раскажува херојот на Мароко.
СЕ ОПРАВИЛ ВО ВТОРОЛИГАШКИ КЛУБОВИ ОД СЕГУНДА
До 2014-та Јасин стабилно бранел за резервниот Б тим на Атлетико Мадрид а после го пратиле на позајмица во Сарагоса во Сегунда.
Конкуренција таму му бил Оскар Воли, па високиот Мароканец дебитирал дури во јануари 2015-та и до крајот не го смениле од голот.
Сарагоса стигнала до плејоф, бараж за пласман во елитната Ла Лига. На првиот меч од полуфиналето против Жирона на гол пак се вратил Оскар Воли кој не бранел добро и Сарагоса изгубила 3:0. На реваншот Буну застанал меѓу стативите, неговата екипа победила 4:1 и се пласирала во финале на бараж каде изгубиле од Лас Палмас.
Му годел престојот во Сарагоса па останал и во следната сезона 2015/2016. Подоцна Атлетико го пратил во Жирона која уште била во втора лига Сегунда но од првиот обид Буну се пласирал во Ла Лига со новиот клуб и до октомври 2016-та бранел стандардно во прва лига.
Неговиот статус повторно бил под знак прашалник кога Жирона го довела искусниот голман Горка Ираизос од Атлетик Билбао, но одличната форма му сочувала првотимска улога.
Буну во тоа време бил еден од главните кривци за сјајните резултати на Жирона која се најде на неколку бода од зоната која води во еврокупови.
СО СЕВИЉА ЈА ОСВОИ ЛИГА ЕВРОПА, ПРВИОТ ГОЛЕМ ТРОФЕЈ ВО КАРИЕРАТА
Во сезоната 2018/2019 Жирона испадна од Ла Лига, но Буну веќе стекнал реноме како одличен голман па брзо добил понуда од Севиља. Мароканецот најпрво му бил дублер на Чехот Томаш Вацлик но набрзо станал прв голман.
На крајот од првата сезона во Севиља, Јасин имал серија без примен гол од 521 минута! Тоа бил втор клупски рекорд во Севиља по неверојатната серија на Андрес Палоп во 2008-ма година кога бранел цели 780 минути без да ја вади топката од мрежа.
Во 2019/2020 Севиља по којзнае кој пат ја освои титулата во силната Лига Европа и тоа благодарение на одличниот Јасин Буну кој многу пати ги спасувал Андалузијците. На крајот од таа трофејна сезона се нашол и во идеалниот тим.
„Ова е најголем момент во мојата кариера! Но не останувам само на ова. Се дадов целиот себе сезонава“, рекол Буну кој ниту на сон не знаел што го чека во 2022-та.
После сјајните одбрани за Севиља, клубот го откупил договорот на Буну. Интересно во март 2021-та година постигнал гол и го израмнил резултатот со Ваљадолид.
МОЖЕЛ ДА БРАНИ ЗА КАНАДА НО ГО ИЗБРАЛ МАРОКО
Во 2016-та година Јасин Буну го одиграл својот прв официјален меч за сениорската репрезентација на Мароко. Бранел против Сао Томе и Принсипе (2:0).
Можел да игра и за Канада каде е роден но го одбрал својот Мароко.
„Една вечер ми се јави Бенито Флоро (тогаш селектор на Канада) и ми предложи да играм за репрезентацијата. Во тоа време селекцијата на Мароко беше под санкции и не игравме официјални натпревари. Но сеедно му откажав. Ми годеше понудата но јас израснав во Мароко, од таму е целото мое семејство и не можев да постапам поинаку“, вели Буну.
Му се погодило да се пласира и на Светско 2018 во Русија со Мароканците. Иако седел на клупата за резерви, тој Мундијал го памети по добро. Веднаш по ова Светско станал прв репрезентативен голман и веќе има 48 настапи.
По пласманот на Мароко на првото зимско Светско првенство, во Катар, Буну не ни сонувал што ќе го снајде него и неговите другари. Поминаа страшно силна група со Белгија и Хрватска и тоа како првопласирани. А во осминафинале после 0:0, на пенали ја урнаа големата и моќна Шпанија.
Буну одбрани два пенали и е најзаслужен за најголемиот успех на Мароко во историјата. Четвртфинале на Мундијал!
А таму ги чека Португалија која со 6-1 ја испраши Швајцарија... Јасин ќе има нов предизвик, најголем во досегашната богата кариера.