Кој е Гави, детето што заигра за Шпанија и ја импресионираше Европа?

Пабло Мартин Паез Гавира или скратено и попознат како Гави е малиот кој осамна на насловните страни на многу европски медиуми денес.

Во 3. коло од шпанска Ла Лига на мечот Барселона - Хетафе (2:1), само 24 дена откако дувал 17 свеќички, на величествениот „Камп Ноу“ дебитираше малиот бисер Гави кој во 73’ минута влезе од клупата наместо Серхи Роберто.

Стана четврт најмлад дебитант во историјата на Барселона, дебитираше на 17 години и 24 дена, а пред него се само Мартинез, Ансу Фати и Бојан Кркиќ.

Само неколку дена подоцна дебитираше и за сениорската репрезентација на Шпанија и тоа со број 9 среде Милано против Италија. Кој е малиот?

Интересно откако играл и дал гол за детскиот тим Лиара Баломпие од место оддалечено пола час од Севиља, родителите на Гави веднаш биле контактирани од Бетис кој решил да го доведе кај нив. Но во 2012-та Барселона со ветување дека еден ден ќе го направи првотимец го зема во својата школа Ла Масиа. Романтична приказна која фалеше уште од времето на Чави и Иниеста.

За да разбереме колку голем подвиг направи селекторот на Шпанија Луис Енрике кога му даде шанса на детето од 17 години против европскиот првак на гости, треба да помислиме дека кога на 5 август 2004 во Лос Паласиос и Виљафранка се родил малиот Гави, во исто време во Италија 20-годишниот Џорџо Кјелини се остреше за дебитантски настап во Серија А.

Кјелини дебитираше на 12 септември 2004-та на мечот Рома - Фиорентина, а веќе во ноември истата година Марчело Липи го повика за репрезентацијата на Италија. 17 години подоцна Гави првпат заигра за Шпанија. Денес Кјелини има 37 години и дури 113 настапи за аѕурите и важи за највозрасен играч меѓу сите фудбалери на четирите репрезентации на Фајнл Фор на Лига на нации. А Гави е најмлад од сите играчи на Италија, Шпанија, Белгија и Франција.

Пред да добие повик од Луис Енрике кој му станува фудбалски татко, Гави собрал само 275 минути фудбал и тоа само сезонава. Во Барселона Б сезонава и минатата одиграл само три меча. Затоа цела Шпанија била шокирана кога Енрике провокативно изјави пред мечот: „Кога го гледам како игра со и без топка, за мене е многу интересен играч за да го викнам и видам. Сигурен сум дека ќе биде на висина на задачата. Многу е рано? Можеби да, но ќе го ставам од почеток со Италија“.

Луис Енрике претрпе многу критики зошто се одлучил за младиот играч наместо за поискусните фудбалери како Марко Асенсио. Гави му ја оправда довербата и одигра одличен натпревар.

На теренот беше од почеток и одигра 83 минути против европскиот првак на гости. Тоа беше најдолгиот меч во досегашниот тек на кариерата на Гави кој толку од старт не одиграл ниту за Барселона ниту за Барселона Б.

На возраст од 17 години и 62 дена стана најмладиот дебитант во историјата кој стартувал за репрезентацијата на Шпанија. Претходно рекордот го држеа Анхел Зубиета кој во 1936-та година дебитирал за Шпанија на 17 години и 284 дена, а трет на листата е уште еден бисер на Барселона - Ансумане Ансу Фати кој првпат заигра за Шпанија на 17 години и 308 дена.

„Ова е необичен случај. Он играше како да е во дворот дома или во школо. Убаво е да се види фудбалер кој има таков талент. Тој е иднина на репрезентацијата“, задоволно изјави селекторот Енрике после мечот. 

 

Прочитајте уште и:

Италија изгуби официјален меч дома за првпат од 1999-та година

7 октомври 2021 - 09:24