Италија изгуби официјален меч дома за првпат од 1999-та година

Во првото полуфинале од Лига Нации, Шпанија ја совлада Италија на „Сан Сиро“ во Милано 1:2 и ја прекина серијата на „аѕурите“ од 37 меча без пораз.

Притоа ова беше прв пораз на официјален меч на домашно тло за Италија уште од 8 септември 1999-та година! Последен пат дома изгубиле официјален натпревар од Данска (2:3) во квалификации за Светско првенство.

Во тој период дури шест шпански актуелни репрезентативци не биле родени: Педро Поро, Феран Торес, Ерик Гарсија, Брајан Хил, Јереми Пино и Гави.

Европскиот шампион Италија во септември одигра 0:0 со Швајцарија и дома ја победи Литванија 5:0 во квалификации за Светско првенство 2022. Тоа беа 36. и 37. меч по ред без пораз на Италијанците.

Никој никогаш претходно на меѓународно ниво не направил такво нешто. Бразил во 1990-те и Шпанија во 2000-те стигнаа до 35 меча без пораз, а Италија постави нов неверојатен рекорд.

Шпанија во средата вечер ја прекина таа серија која траеше од 10 септември 2018 до 6 октомври 2021.

Феран Торес беше стрелец на двата гола за Шпанците. Фудбалерот на Манчестер Сити има 6 гола на последните 7 меча за Шпанија или вкупно 12 погодоци на 21 меч што претходно за „црвената фурија“ им успеало само на Телмо Зара, Луис Саурез Мирамонтес, Алфредо Ди Стефано и Фернандо Мориентес.

Италија прими повеќе од еден гол на натпревар после повеќе од 3 години. Последен пат такво нешто им се случи на 1 јуни 2018-та на меч со Франција кога изгубија 3:1. А на домашен терен примаат два гола во прво полувреме првпат после цели 29 години! Швајцарија во 1992-ра им дала два во едно полувреме.

7 октомври 2021 - 08:53