Актуелниот тренер на Атлетик Билбао ќе добие 3-годишен договор и ќе започне нова авантура во Каталонија. Доаѓа на местото на Луис Енрике а промоцијата е закажана за 29. мај.
Иако неколку месеци важеше за фаворит број еден, управата на Барса не сакаше да „трча пред зори“ и чекаше да заврши сезоната за да го објави името на наследникот на Лучо Енрике. Притоа се чека да помине и финалето на Копа дел Реј против Алавес на 27. мај.
EXCLUSIVA MD: Valverde será el nuevo entrenador del Barça. MD desvela todos los detalles de la operación https://t.co/55OBDrhJPG pic.twitter.com/3jlW1ImDIE
— Mundo Deportivo (@mundodeportivo) May 23, 2017
Ернесто Валверде ќе почне со работа со Меси и другарите од 1. јули а ќе добие три годишен договор со формула 2+1 (после две години ќе биде слободен да замине или да потпише нов договор).
53-годишниот стручњак во играчката кариера две сезони играше за Барса (од 1988 до 1990-та), така што нема да му биде тешко да го напушти Билбао каде дојде во 2013-та и со кој го освои Копа дел Реј и шпанскиот Супер Куп (два пати ја победуваше Барселона).
Весникот Mundo Deportivo кој важи за близок до Барселона објави дека Валверде на „Камп Ноу“ ќе ги донесе своите соработници па така прв помошник ќе му биде Јон Аспиазу а кондиционен тренер ќе биде Хозе Антонио Поѕанко (играл во младинците на Барса но ја завршил кариерата поради тешка повреда на 21 година).
Валверде ќе има добра прилика да покаже во која насока ќе ја води Барселона уште во јули кога Каталонците ќе играат пријателски со Јувентус, Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид во САД.
Валверде потекнуа од западна Шпанија а тренерската кариера ја започнал како помошен тренер во Билбао во 2001-ва година. Самостојно почнал со Б тимот на Атлетик, а во кариерата ги водеше уште и Еспањол, Олимпијакос (два пати), Виљареал и Валенсија пред да се врати во Баскија пред 4 години.
Прекарот на Валверде е "Txingurri" („Мравката“) поради тоа што Ернесто важи за страшно вреден работник кој знае со ноќи да не спие и да смислува тактички решенија.
Има големи заслуги што ветеранот Ариц Адуриз минатата сезона играше како да има 17 години и што стана стандареден репрезентативец. Негово „дело“ е и Андер Ерера, клучниот играч на Манчестер Јунајтед и долги години водач на Билбао.
Што се однесува до тактиката, Валверде многу учел од Јохан Кројф па сака да игра во формација 4-3-3 или 4-2-3-1 со висок пресинг на противничките играчи.