Кои се 10-те најголеми и најскапи трансфери летово?

На први јули се отвори трансфер преодниот рок во најголемите европски лиги - во Италија, Франција, Шпанија и Германија. Во Англија прозорот беше отворен на 14-ти јуни. Многу клубови веќе направија големи зделки уште во првите денови.

Според реномираниот германски сајт Трансфермаркт.де кој се занимава педантно и прецизно со сите светски трансфери, договори и клаузули, 10-те најскапи трансфери летово 2023-та воглавно се од англиски премиерлигаши.

Со забелешка дека на списокот со 10 најскапи трансфери не влегуваат активираните опции за откуп на договор после позајмица. Во тој случај во топ 10 би биле и Педро Поро (Тотенхем, 45 милиони евра), Дејан Кулушевски (Тотенхем, 30 милиони евра), Моизе Кин (Јувентус, 30 милиони евра).

ТОП 10 НАЈСКАПИ ТРАНСФЕРИ ЛЕТО 2023:

1. Џуд Белингем - од Борусија Дортмунд во Реал Мадрид за 103 милиони евра (без пресметани евентуални бонуси во зависност од изданијата на англискиот репрезентативец со кои трансферот би чинел астрономски 130 милиони евра)

2. Кај Хаверц - од Челси во Арсенал за 70 милиони евра

3. Доминик Собослаи - од РБ Лајпциг до Ливерпул за 70 милиони евра

4. Кристофер Нкунку - од РБ Лајпциг во Челси за 60 милиони евра

5. Рубен Невеш - од Вулвс во Ал Хилал за 55 милиони евра

6. Џејмс Медисон - од Лестер во Тотенхем за 46,3 милиони евра

7. Алексис Мекалистер - од Брајтон во Ливерпул за 42 милиони евра

8. Николас Џексон - од Виљареал во Челси за 37 милиони евра

9. Матео Ковачиќ - од Челси во Манчестер Сити за 29,1 милион евра

10. Оркун Кекчу - од Феенорд во Бенфика за 25 милиони евра.

Шпанските новинари Ромен Молина, Рамон Алварез де Мон и Аранча Родригез пишуваа дека Реал Мадрид за Карим Бензема добил околу 40 милиони евра од Ал Итихад а договорот на Французинот во Саудиска Арабија му важи до 2024-та. Но Трансфермаркт смета дека Бензема преминал како слободен агент таму.

Најактивен како и во претходните два преодни рока е Челси кој има дури 3 зделки во Топ 10. Но овојпат сините се нешто поразумни па се ослободија и од голем број играчи за кои заработија прилично високи суми. Од „Стемфорд Бриџ“ заминаа Мејсон Маунт, Канте, голманот Менди, Кулибали, Зиеш, Лофтус-Чик, Кај Хаверц, Матео Ковачиќ, Сезар Азпиликуета (слободен агент во Алтетико Мадрид), а на излезна врата се уште неколку фудбалери.

Очигледно од списокот, најдобро летово помина богатиот германски бундеслигаш РБ Лајцпиг кој заработи 130 милиони евра на Собослаи и Нкунку кои ги продаде во Премиер лига.

Интересно е и што Бенфика отсекогаш била на список со најскапо продадени фудбалери и најголеми заработки а сега се во ТОП10 дојдовни трансфери што е изненадување. „Орлите“ од Лисабон го доведоа најдобриот фудбалер на Феенорд, турскиот репрезентативец Оркун Кокчу кој на холкандскиот тим му донесе титула и имаше бројни понуди од цела Европа.

3 јули 2023 - 09:44