КАКО СЕ СЛУЧИ ЕДЕН ГАДАФИ ДА ДОЈДЕ НА ДВОРЕЦОТ НА ГАЗДА ГАУЧИ?
На 29 јуни 2003-та, точно пред 14 години, Саади, синот на еден од најголемите диктатори на сите времиња стана играч на Перуџа, клубот од Умбрија. Дента сите останаа со подотворена уста. Во Серија А стигна третородениот син на диктаторот од Триполи и тоа беше најлудата операција во историјата на италијанскиот фудбал.
ЧИЈА БИЛА ИДЕЈАТА?
Секако на Лучано Гаучи, човекот кој подоцна безуспешно проба женска фудбалерка да заигра во неговата екипа. Човекот кој ја направи Каролина Мораче прв женски тренер на машка екипа. Човекот кој го избрка репрезентативецот Роберто Баронио од екипата само затоа што носел број 13 за кој Гаучи сметал дека е баксузен.
Истиот тој кој под присила ги носеше играчите во карантин и кој во ’90-те години откако избрка уште еден тренер, со Перуџа во Серија Б за време на еден меч против Удинезе се симна самиот на клупата да ја води екипата. Луд лик, бизарен, историски.
Лучано Гаучи е човек кој преку 10 години во фудбалот никогаш не оставил рамнодушен ниту еден ловец на сензации. Во оваа категорија спаѓа и аквизицијата на Гадафи најмладиот. Промоцијата беше во семејниот замок во Торе Алфина, провинцијата на Витербо близу Перуџа каде организирале фараонска забава. За една работа Гаучи сигурно беше во право тоа лето 2003-та: „Со оваа операција ќе влеземе во историјата на фудбалот“.
Не се случува секој ден и секаде син на претседател на држава да игра во прва лига. Тоа би било како денес синот на Башар Ал-Асад да игра за некоја екипа од Серија А.
Сторијата со платата на Гадафи се чини дека започнала со едно прашање: „Претседателе, мислите ли дека навистина ќе може (Гадафи) да игра во Серија А? -Преубеден сум’, му одговорил Гаучи на новинарот на La Repubblica на 28 јуни пред 14 години.
И така газда Лучано преминал од зборови на дела. Три недели преговарал со Саад Гадафи кој освен во фудбалската лига на Либија не играл на друго место. Се било лесно затоа што не требало да се победи конкуренција.
ЗДЕЛКАТА И ЖОНГЛИРАЊЕ ТОПКА СО ЧАША ВИНО
Аквизицијата на Саади Гадафи во Перуџа била пред се маркетиншки потег и економски бум. Гаучи преку него сакал да „ги подобри односите во Медитеранот“.
Како што пишува новинарот Џакомо Џубилани во книгата ’91-ва минута’, Гаучи го земал синот на Колонел само од една причина: “да му извлече некој денар“ затоа што овој ги имал во изобилие.
Кога слетал во Перуџа како фудбалер, Саади веќе бил сопственик на нафтната компанија Тамоил, имал 7% од акциите на Јувентус и 33% од акциите на Триестина која во 2003-та играше во Серија Б. Освен од хоби и бизнис, Саад фудбалот го играл и со посебна страст а во Либија бил deus ex machina на тамошниот фудбал. Бил број еден на Фудбалската федерација а истовремено и фудбалер.
Кариерата ја почнал во Ал-Ахли од Триполи а потоа играл во Ал-Итихад исто од Триполи. Но најмногу сакал да игра за репрезентацијата каде беше капитен. Играл секогаш, за него немало измена. Тоа бил диктат-наредба. Никој не смеел да дискутира за неговата улога во селекцијата.
Единствен кој направил таква утка и го седнал на клупата бил Франко Скољо во 2002-ра и после неколку месеци го избркале.
АВАНТУРАТА ВО ПЕРУЏА
Неговата техника била добра, сосема коректна, но за трета лига, а не и за Серија А. На 29 јуни на церемонијата на промоција дошле многу познати лица, со оглед на фактот што Моамер Ел Гадафи важеше за голем пријател на Италија (таму имаше банки, бензински пумпи, хотели итн.).
Имало околу 500 гости а меѓу нив градоначалникот на Перуџа, Јавниот обвинител и амбасадорот на Либија во Ватикан. Дошол и Франко Сенси, некогашниот газда на Рома и интимен пријател на Гаучи. Целиот замок го обезбедувале 50-ина полицајци и карабиниери кои ги контролирале сите поканети па и фотографите и новинарите.
Саади дошоол со 30 членови на личното обезбедување а пристигнал со приватен лет од Сардинија. Се поздравил со Гаучи и го добил дресот со број 19. Договорот бил потпишан на една година а неговите први зборови како нов играч на Перуџа биле: „Сакам да играм во нападот, зад шпицовите“.
Од тој момент ретко кој во клубот го гледал. Малку се зборувало за него а тој доаѓал на гостување со обезбедувањето. Тренинзите ги следел од трибина. Но Гаучи имал поинакво видување:
„Овие овде кога ќе видат пари губат глава. Треба да земат пример од Гадафи, исклучителен човек кој се жртвува и покрај статистиката која го прави четврт најбогат човек на светот. А тој се жртвува и работи како луд.„
Саади пак се појави во весниците неколку недели подоцна кога првпат заигра во Серија А. По Перуџа-Реџина на 5. октомври 2003, синот на Муамер Ел-Гадафи паднал на допинг тест поради нандролон. Се допингувал без да игра. Го суспендирале три месеци. Но сезоната Саади го имаше задоволството да заигра во Серија А и тоа на 2. мај на „Ренато Кури“ против Јувентус, екипата од неговото срце каде беше акционер.
ПЕРУЏА-УДИНЕ-ЏЕНОВА
Толку од Гадафи јуниор? Таман работа. Неговата страст за фудбалот била силна па во сезоната 2004-2005 останал во Перуџа која испадна во Серија Б но без да влегува во игра. Потоа отиде во Удинезе одново во Серија А каде тренер му беше Серсе Козми. За Удине одигра 13 минути против Каљари.
Живеел во луксузен хотел на периферијата од Удине со останатата посада од неговиот дворец и со верниот доберман Дина. Дневно трошел околу 30.000 евра, па дури и кога не излегувал од хотелот каде правел големи забави со харем.
Во 2006/2007 благодарение на добрите односи меѓу неговиот Тамоил и италијанската нафтена компанија Ерг на семејството Гароне, тој стигна и до Сампдорија каде никогаш не заигра на теренот.
ОД СТАДИОН ВО ЗАТВОР
На 34 години Саади Гадафи ја затвори кариерата и се врати во Либија каде продолжил да го води семејниот бизнис. Почнал да работи како инженер во цело работно време. Се занимавал со нафта и со кинотека. Неговата парабола како и онаа на татко му и целата династија Гадафи заврши во 2011-та со арапската пролет.
Бунтовниците го бутнаа од власт режимот на Гадафи (Муамер заврши кобно, жив во раце на крволочните борци и гневниот народ), а Саади бил принуден да бега.
Во август 2011 имаше лажна вест дека бил фатен, но неколку месеци подоцна се објави дека некогашниот фудбалер на Перуџа, Удинезе и Сампдорија се наоѓа во Нигер (Африка). На 29 септември 2012, Интерпол ги фатил неговите траги и под стотици тешки обвиненија на 6. март 2014 бил екстрадиран во Либија.
Само неколку месеци подоцна, во мај 2015-та го осудиле за убиство на либискиот фудбалер Бшир ал-Риани во 2006-та. Денес Саади живее во затворот во Триполи. Последен пат кога се појавил во весник или на телевизија бил пред две години кога излезе видео на кое се гледа како го мачат. Поради цел куп обвиненија Саади Ел-Гадафи ризикува смртна казна, а од оваа гледна точка 29 јуни пред 14 години се навистина многу далеку.
Повеќе околу тоа како живеел во Италија тука.