Во 2014-та година се одигра една од најјаките завршници на Ла Лига. На две кола пред крајот на врвот вриеше - Атлетико (88 бода), Барселона (85 бода) и Реал Мадрид (84 бода) се бореа за титулата.
А лудница беше и долу на дното: само Бетис веќе одамна беше сигурен патник во Сегунда, а за двете сламки на спасот се бореа дури шест клуба. Во најнезгодна позиција беше Осасуна - само 35 бода и 19 место. Со една нога во втора лига.
Клубот од Памплона, баскиска гордост, не сакаше да испадне по никоја цена затоа што до тој момент немаа видено Сегунда уште од сезоната 1999/2000. Не сакаа повторно да поминуваат низ чистилиштето.
И управата на Осасуна смислила матен план.
До крајот ги чекаа дуели со немотивираниот и безбеден Еспањол кој не претендираше на еврокупови и беше мирен на средина од табелата и со немотивираниот Бетис, веќе испаднат без никакви шанси за опстанок.
Поранешниот секретар на Осасуна Анхел Вискај, поранешниот претседател на клубот Мигел Таверна и спортскиот директор Хесус Пералта одлучиле да пробаат сè.
Ги исконтактирале играчите на Бетис Антонио Амајеј и Хавиер Торес кои за одреден бонус требале да дадат се од себе во претпоследното коло за да се победи Ваљадолид и после да изгубат од Осасуна.
Кога полицијата и обвинителството ја откриле малверзацијата, следувале затворски казни: Вискај добил 8 години и 8 месеци, Таверна и Пералта по 6 години и 8 месеци, а Торес и Амаја по година дена затвор.
Обвинението било отфрлено за играчот Жорди Фигеирас.
Делото било опишано на 175 страни. Новинарите од Марка имале увид во обвинението и нашле многу интересни факти.
Истрагата успеала да докаже дека претставниците на Осасуна не само што ги мотивирале играчите на Бетис за да го победат Ваљадолид (тоа не е забрането и постои во сите првенства), туку барале и да изгубат во 38. последно коло (тука веќе имало мито и поткуп).
Вискај и Пералта се сретнале на неутрален терен во Мадрид со фудбалерите Торес и Амаја. Таму се договориле ама пари не предавале.
Првата рата била исплатена во филмска атмосфера. Вискаја и Пералта заедно со 400.000 евра излегле од хотел и ги возел возач (подоцна се правдале дека не знаеле што превезува возачот во гепек). Во еден парк ги чекало мало комбе каде сите влегле и имало „примопредаја“ на парите.
Мечот Осасуна - Бетис завршил со победа на Памплоците од 2:1 при што два гола дале веќе до 22. минута. Судијата на тој натпревар, Мартинез Мунуера на испрашувањето појаснил дека не приметил ништо чиудно а претставници на судиската комисија барале да не се врши притисок врз него: „Од позиција на судија тешко е да се оцени дали се јавува грешка испровицирана од човечки фактор или е посебно допуштена“.
Торес следната година купил ултра-луксузна јахта Starfisher Cancun 26 која претходно ја изгубил на покер а подоцна ја откупил за 30.000 евра.
Амаја вешто ги трошел парите (од она што можело да се регистрира), тој месечно трошел по 2-3.000 евра.
Во делото фигурирал и трет фудбалер - Жорди Фигерас. Еден од менаџерите во Осасуна дури признал дека Фигерас бил еден од тројцата луѓе кои земале пари но подоцна го повлекол тврдењето и признал дека згрешил.
Судот востановил дека 400.000 евра била првата транша за победа над Ваљадолид а 250.000 евра добиле веднаш после поразот од Осасуна.
Било откриено и дека секретарот на Осасуна Вискај од клупската каса проневерил уште 600.000 евра но каде завршиле не се открило. Тој на суд тврдел дека подмитувал играчи и во сезоната 2012/2013 кога Осасуна исто се спаси но судот не можел да најде докази.
Според Вискај, тој стимулирал и други клубови. Еднаш му платил и на Хетафе да изгуби кај нив во Памплона. Докази ни за ова судот не нашол, но Осасуна била пократка за 2,1 милиони евра во однос на тоа што како пријавено во документацијата.
И покрај махинациите, Осасуна испадна во Сегунда. Не со судска одлука, туку неочекувано не им одговараа резултатите на другите конкуренти. Гранада успеала да освои бодови со Атлетико, а Хетафе ги победил Севиља и Рајо Ваљекано. Сите конкуренти на Осасуна собрале по 3 бода во 2 кола и Памплонците испаднаа.