Кога името не е доволно за победа во ЛШ

За сите вие кои не мрдате од ТВ во вторник и среда последниве 15-20 години или вие кои сте пропуштиле, потсетување на најшокантните резултати на европските гиганти. Како Шевченко ги збриша Реал и Барса, изненадувањето на дебитантите Њукасл и Мајорка и лудите пресврти на Депортиво и Брондби.

Њукасл – Барселона 3:2 (1997/1998)

По 42 годишна традиција Лигата на шампионите за прв им даде шанса за учество за второпласираните земји од најсилните 8 европски лиги. Првите голови од екипа кој не влезе во елитата како првак во својата земја стигнаа од Њукасл во септември 1997 година. Настрада Барселона, а јунак беше Асприља кој постигна хет-трик за 49 минути. Головите за каталонскиот тим ги постигнаа Луис Енрике и Луис Фиго.

Динамо Киев – Реал Мадрид 2:0 (1998/1999)

27 кратниот украински првак во своите најдобри времиња ги делкаше и најголемите европски екипи. Таа сезона стигна до полуфинале во ЛШ, а во четврт го елиминираше Реал откако во Мадрид беше 1:1, а во Киев 2:0 со головите на Шевченко.

Депортиво Ла Коруња – Милан 4:0 (2003/2004)

Навивачите на Милан покрај на финалето со Ливерпул, не сакаат да се навраќаат и на овој двомеч против шпанскиот тим. Милан предводен од Анчелоти на првиот четвртфинален дуел имаше 4:1, но тоа не значеше пласман во полуфинале. На Риазор Ла Коруња возврати со 4:0.

Реал Мајорка – Арсенал 1:0 (2001/2002)

14 години пред срамот во Загреб, на Арсенал киксна против дебитант во Лигата на шампионите откако Ешли Кол направи пенал. Следниот месец тимот на Арсен Венгер загуби и од Панатинаикос со 3:1 и потоа не успеа да обезбеди пласман во следната фаза.

Челси – Розенборг 1:1 (2007/2008)

Ремито на Стемфорд Бриџ против далеку послабиот противник уште повеќе ги влоши односите меѓу Мурињо и Абрамовиќ. Таа средба ја видоа само 25.000 навивачи, а Челси потоа успеа да стигне до финале во Москва каде загуби од Манчестер Јунајтед.

Барселона – Динамо Киев 0:4 (1997/1998)

На менито на Украинците таа сезона освен Реал Мадрид беше и Барселона и тоа два пати. Барселона од Киев си замина со пораз од 3:0, но потоа следуваше шлаканица за избраниците на Ван Гал и на Камп Ноу, а играч на мечот беше повторно Андриј Шевченко со хет-трик во прво полувреме.

Лил – Манчестер Јунајтед 1:0 (2005/2006)

За Французите тоа беше единствената победа и тоа остварена против големиот тим од Олд Трафорд. Таа сезона за Јунајтед во ЛШ беше ужасна бидејќи и тие имаа само еден триумф и се збогуваа со елитното натпреварување како последни во групата во која понатаму отидоа Бенфика и Виљареал.

Брондби – Баерн Минхен 2:1 (1998/1999)

Оваа сезона се памети најмногу по хероите на Манчестер Јунајтед, Солскјер и Шерингам кои го шокираа Баерн со пресврт во судиското продолжение. Баварците во групната фаза имаа само еден пораз и тоа на сличен начин како оној од финалето. Со голот на Маркус Бабел во 15 минута имаа водство во Копенхаген речиси на цел меч, но во 87 минута Хелмер си постигна автогол, а во 89-та Алан Равн стрелаше за шокантни 2:1.

Интер – Арсенал 1:5 (2003/2004)

Топџиите таа сезона ја освоија Премиер лигата и направија серија од 49 меча без пораз. Во групната фаза од Лигата на шампионите на Хајбери беа поразени со 3:0 од Интер, но одмаздата беше уште послатка со пет парчиња од кои Анри постигна два и по еден Љунберг, Еду и Пирес.

Монако – Реал Мадрид 3:1 (2004/2005)

Тоа беше сезоната на Монако и Порто кои изненадија со пласманот во финалето од ЛШ. Французите загубија 4:2 на Бернабе на првиот четвртфинален дуел, но негативата против Реал ја надополнија со победа од 3:1 во која по голот на Раул, на листата на стрелци два пати се запиша Жули и еднаш Мориентес кој настапуваше како позајмен играч од Реал во Монако.

2 октомври 2015 - 13:48