Балканските клубови, со исклучок на последниве пар години кога поредовно играат во групната фаза на еврокуповите, долго време кубурат со пари за гол живот.
Понекогаш се случува на фудбалскиот пазар да забодат некој погодок, па да добијат фудбалер за евтини пари кој подоцна ќе го продадат во некој голем европски клуб.
Белградскиот лист Информер објави краток разговор со некогашниот претседател на ФК Партизан, Драган Ѓуриќ, кој октри еден интересен детал од неговото раководење со клубот.
Џејми Варди пред сезоната 2013/2014 бил анонимен фудбалер, познат само во англиското фудбалско подземје. Но во 2014 година растури во Чемпионшип и на голема врата го врати Лестер во Премиер лигата.
Веќе во 2016 година стана можеби најдобриот голгетер во цела Европа откако шокантно со Лестер стигна до титулата. А 7 години претходно буквално никој не слушнал за него надвор од Англија.
Главен тренер на Партизан во тоа време беше Аврам Грант, Израелецот кој ја имаше таа среќа кратко време да биде тренер на Челси и на Вест Хем.
„Во еден разговор Аврам Грант ни кажа одма да го донесеме Варди и тврдеше дека многу ќе ни се исплати. Немавме ни динар, а камоли милион евра колку што ни бараа Англичаните. Немавме тогаш ни генерален спонзор... Немаше пари колку што сега има во Партизан.
А немојте да ве залажува тоа што петтолигаш (Флитвуд) ни бараше милион евра. Варди и тогаш беше пеколен играч, иако не толку познат на јавноста. Грант ги знаеше сите тие клинци по Англија затоа што неколку години работеше таму. Аврам беше мајстор да открие талентирано дете, ама ете, ние бевме во голема криза и не можевме да платиме толку.
Драган Ѓуриќ и Аврам Грант
А што ли би било Партизан тоа лето 2012 година да имал 1 милион евра?
„Да ги имавме тие пари во тој момент и да го донесевме Варди, сигурно сите ќе не критикуваа зошто сме дале толку пари за непознат играч. Денес Партизан и Црвена звезда носат разноразни странци, даваат толку многу пари и никому ништо“, констатира Ѓуриќ кој во неколку наврати имаше проблеми со законот и се појавуваше на суд поради финансиски малверзации.
Чудно е како Партизан ги немал потребните средства ако се знае дека година дена претходно влегоа во Лига на шампиони, а после неколку месеци продадоа многу квалитетни фудбалери за пристојни суми.
Џејми Варди во месец јули 2010 година од Флитвуд потпиша за Лестер Сити за повеќе од 1 милион фунти. Сега има 32 години а неговиот фудбалски пат е сценарио за добар филм. Цел свет го знае и тој е асоцијација за чудото на Лестер.
За „лисиците“ постигна 118 голови, игра за Англија и во моментов вреди 20 милиони евра.