За прв пат во својата 74 годишна историја, ФК Вардар следна сезона ќе игра во втора лига, друштво кое еднаш успеа да го избегне откако направи фузија со Миравци.
Кочо Димитровски, една од иконите на клубот смета дека тоа било грешка и целосно е разочаран од тоа што се случува со ФК Вардар.
„Ова што се случи е срам за клубот. Срам ми е што сум бил дел од ваков еден гигант. Виновници за оваа ситуација се само луѓето кои го водат клубот, а не играчите или тренерите. Како може Вардар тоа да си го дозволи? И многу поголеми клубови испаѓале во понизок ранг, но се враќале брзо. Вардар направи грешка пред пет години, кога требаше да испадне, па направи фузија со Миравци. Многу чудни работи се случија во клубот. Без пари никој не игра, а со деца од 17-18 години не може да се натпреварувате цела сезона против најсилните“, вели Димитровски.
Единствен спас е во клубот да дојде некој шеик, да ги подмири сите долгови и да го врати Вардар на правилен пат. Да дојдат да работат домаќини луѓе, а не апаши и багабонти“, изјави Димитровски за Фокус.
Инаку Кочо Димитровски е дете на Вардар каде почнал уште на 11 години и целата 17 годишна кариера им ја посвети на Црвено црните каде настапуваше од 1968-ма до 1985-та година.
Тој е рекордер со 845 настапи од кои 416 му се првенствени. Држеше среден ред, а има постигнато и 95 гола.
Легендарниот Кочо долго време работеше како тренер во младинските категории во Вардар, а во 1998/1999 го водеше и сениорскиот тим со кој освои Куп на Македонија.