Германија го задржа максималниот учинок во квалификациите за Мундијалот 2018 во Русија откако Матс Хумелс со глава им донесе победа на две минути пред крајот од мечот со Чешка.
Но не беше сè така розево за „Националмајншафт“ во Прага а кривци за тоа беа „навивачите“. Најпрво на почетокот ја исвиркаа химната на домашните, па свиреа на едноминутниот молк за починати раководители во чешкиот фудбал, а потоа без престан го навредуваа првиот шпиц на Германија, младиот Тимо Вернер (го даде првиот гол на мечот). На крај громогласно ја извикуваа нацистичката парола: „Зиг хајл“ (Seig Heil) што ги згрози германските репрезентативци и сите присутни на стадионот:
Сево ова се случува на 78-годишнината од фашистичката опсада на Полска со која започнала Втората Светска војна.
Вернер го навредувале затоа што игра за најомразениот клуб во Германија, Лајпциг и затоа што лани изглумил пенал во победата над Шалке. Самиот Вернер изјави дека знае од каде дошле тие навивачи (десничарските навивачи на Динамо Дрезден, клуб од градот кој е на 150 километри од Прага и најголем ривал на Лајпциг).
„Ова е катастрофа! Таква поддршка не ни треба! Тоа не се навивачи туку хулигани кои со фудбалот немаат никаква врска. Почнаа уште за времето на едноминутно молчење што беше многу грдо. Потоа цело време го навредуваа Вернер а после почнаа да ги извикуваат тие срања, тие нацистички пароли. Тоа не се наши навивачи, ние се дистанцираме од нив и затоа не отидовме да ги поздравиме на крајот од мечот. Не ни помисливме на тоа затоа што такви глупости не ни требаат“, бесно изјави стрелецот на победничкиот гол Матс Хумелс кој додаде и дека таквите треба да се отстранат од стадион.
Грозните скандирања ги осуди целата германска јавност, сите репрезентативци и Германскиот фудбалски сојуз чијшто претседател Рајнхард Гриндел изјави дека никогаш нема да толерираат фашизам, расизам, навреди или хомофобично однесување.
Останува да се види како на ова ќе реагираат ФИФА и УЕФА кои немаат милост за вакви испади кога ги прават навивачи од источна Европа. Секако дека играчите не се виновни за ова и дека би било штета тие да трпат последици. Но така трпеа и многу екипи и репрезентации чии навивачи демонстрираа нацизам или фашизам.