Адам Брнс, Дејвид Бевик и Пит Џонстон како тројца страствени навивачи на Англија нема да патуваат на Светското првенство во Бразил како сите останати фанови. Нивниот план е пешки и со дриблинзи да стигнат навреме до најголемиот планетарен фудбалски собир идната година.
Појдовната точка им е од аргентинскиот град Мендоза од каде ќе тргнат на 1 март и за околу 80 дена преку Аргентина и Уругвај планираат да стигнат до Бразил точно на стартот на Мундијалот на 12 јуни. Километражата која избрале да ја поминат е 1966 км, годината кога за последен пат „Гордиот Албион" стигна до светската титула.
„Ние сме тројца луди навивачи на Англија кои очајно сакаме да го бодриме нашиот национален тим на светското во Бразил, но истовремено ќе можеме да направиме многу добра и корисна работа за некои луѓе", вели Адам.
„Се надеваме дека ќе влеземе во Бразил со голема група на навивачи од цел свет. Не ги зборуваме јазиците на сите, но со помош на фудбалот може да се обединиме", вели Пит.
Тројцата другари се запознале додека заедно студирале во Лидс, а во нивната намера освен авантура, обединување и желба за гледање фудбал лежи и една подлабока цел, а тоа е хуманоста. Тие по пат планираат да организираат хуманитарна акција, а собраните пари да ги дадат за изградба на бунар во едно бразилско место кое е погодено од најлошата суша во последните 50 години.
Прв им посака среќа легендарниот Алан Ширер.
Идејата ја поздравуваме и ние, а истовремено се надеваме дека ќе бидат многу внимателни по пат, затоа што Американецот за жал не успеа.