Канада е убаво фудбалско изненадување, блиску се до прво Светско првенство после 1986-та

Верувале или не, фудбалската репрезентација на Канада собрала најмногу рејтинг бодови на ФИФА листата во 2021 година - дури 130,32 бода! За споредба, Италија која стана европски шампион освои 115,77 бода, а Аргентинците кои станаа шампиони на Копа Америка освоија 108 бода годинава.

Канада за само една година фудбалски напредуваше од 72. на 40. место на ФИФА ранкингот што е највисока позиција во историјата на оваа репрезентација (повторен рекорд од декември 1996 година).

Канаѓаните во 2021 блескаа: забележаа 13 победи, само два порази и тоа од најсилните селекции на САД и Мексико и 4 пати одиграа нерешено.

Фудбалската репрезентација на Канада има одлични шанси да се пласира на едно Светско првенство, за втор пат во својата историја. Сензационални лидери се во својата квалификациска група, но на врвот е уште густо. Топ 4 репрезентациите ги делат само два бода. Канада е прва со 16 бода, САД се втори со 15, Мекиско трет со 14 колку што има и Панама на 4. место. Три ќе одат директно во Катар 2022 а четвртата ќе игра во не баш едноставен бараж.

КАНАДА НАПРЕДУВА НЕВЕРОЈАТНО МНОГУ

Според некои експерти во материјата со рангирањето, Канада најмногу се офајсдила од новиот метод на бодување кој ФИФА го воведе од летото 2018-та а кој вели:

- После секој меч една репрезентација добива или губи бодови. Кога послабо рангирана селекција ќе победи појака репрезентација, добива повеќе бодови отколку кога подобро рангирана селекција ќе совлада послаба.

Ова е основа на методот Ело, наречен така во чест на Арпад Ело, унгарско-американски физичар.

- На континенталните турнири како Куп КОНКАКАФ (таму учествуваше Канада) или Куп на Азија може да се освојуваат бодови како на Европско или Копа Америка. Кога ќе се види разликата во класи меѓу селекциите кои играат таму и ваму, тоа не е баш најправедна метода иако ФИФА вели дека ова е голем плус. 

ИМААТ СЈАЈНА ГЕНЕРАЦИЈА, НЕКОЛКУ ВРВНИ ТАЛЕНТИ И СУПЕРЅВЕЗДА ОД БАЕРН МИНХЕН

Фантастичните партии и одличните резултати на Канда во 2021 не може да ги помати никаква формула на ФИФА. Екипата има толку добри играчи и супер селектор во Англичанецот Џон Хердман (ја презеде Канада во јануари 2018 кога беа на 94. место меѓу Габон и Фарски Острови), така што не би било изненадување ако ги видиме во Катар 2022.

Од моментот кога Хердман стана селектор до сега поминаа 4 години. За тоа време во репрезентацијата се појавија неколку бисери. Меѓу нив е и суперѕвездата на Баерн Минхен, Алфонсо Дејвис кој важи за најбрзиот лев бек/лево крило на денешницата.

Веднаш раме до раме со него е и Џонатан Давид, 21-годишен центарфор кој е прва ѕвезда на француски Лил и чија вредност е проценета над 50 милиони евра. Џонатан во летото 2020 од белгиски Гент премина во француски Лил.

Најзаслужен е што Лил ја освои титулата во Лига 1 во сезоната 2020/2021. Постигна 29 гола на 75 меча (само сезонава веќе има 12 гола на 19 меча од вкупно 26 на Лил). 

На средина на теренот главен играч им е 24-годишниот неуморен борец Стивен Еуштакиу. Тој е роден во Канада, а игра во Португалија од каде води потекло. Настапува за Пакош Фереира. Има играно и за младинската репрезентација на Португалија но никогаш не стигнал до најсилната селекција. Затоа ја избрал Канада.

За оваа симпатична репрезентација игра и Кајл Ларин, 26-годишен центарфор кој верувале или не во целост се адаптираше во жестокиот турски фудбал. Пред три години премина од американскиот МЛС во Бешикташ и таму на почеток не се снашол па го пратиле во белгиски Зулте Варегем.

По враќањето во Истанбул дал еден куп голови и имал многу асистенции. Постигнал погодок и против Спортинг во Лига на шампиони и важи за прв шпиц на турскиот гигант.

Интересно, капитен на екипата е Србинот Милан Борјан кој веќе неколку сезони брани за Црвена звезда со која играше во 2 изданија на Лига на шампиони и 3 групни фази на Лига Европа. Борјан освои и неколку шампионски титули со Црвена звезда пред зимава да побара споразумен раскин на договорот со цел да продолжи да брани во САД или Канада.

Кариерата на Борјан е права одисеја. Тој со своите родители бил избркан од Хрватска за време на граѓанската војна во ’90-те години. На 17 години се нашол дури и на проба во Бока Јуниорс а после тоа следувало патешествие по светот: бранел во Уругвај, Аргентина, Турција, Романија, Бугарија и сега Србија.

24 декември 2021 - 16:43