
На 12 ноември 2015-та во швајцарското првенство играле најголемите клубови од оваа земја, Базел и Грасхопер. Базел губел 2-3 до 86’ минута кога во еден момент добил корнер. Пред центаршутот, 18-годишен играч на Базел отишол до судијата. Му кажал дека не е корнер зошто топката се одбила од него.
Добил многу пофалби и награда за фер-плеј.
Тој млад фудбалер се вика Брел Емболо, а Базел тогаш го загубил тој меч.
Седум години подоцна, на 24 ноември 2022-та Емболо направи друг прекрасен гест. Не прослави гол на Светско првенство против репрезентацијата на Камерун. Земја во која се родил. И која многу ја сака.
ШВАЈЦАРИЈА - РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА СОСТАВЕНА ОД МИГРАНТИ, ДУРИ И СЕЛЕКТОРОТ ИМ Е СО ТУРСКО ПОТЕКЛО
„Во репрезентацијата сега нема многу Швајцарци-Швајцарци. Не го кажувам ова од негативна точка на гледање, просто тоа е факт“, рекол швајцарскиот новинар Масимо Солари.
Швајцарија поминала низ неколку големи бранови миграција. Во 1950-те во оваа богата и убава земја дошле да работат работници од разни држави. Италијанци, Шпанци, Португалци. А во ’80-те и ’90-те Југословени (во таа смисла и косовски Албанци) кои бегаа од војните. Подоцна, во 2000-те години трет голем бран на мигранти од Африка, Азија и Европска Унија.
25% жители на Швајцарија се странци.
Во фудбалската репрезентација им играат многу играчи со нешвајцарски корени.
На Светското 2010-та дресот на Швајцарија го носеа деца на турски мигранти Инлер, Дердјок и Јакин, како и Италијанците Барнета и Бенаљо. На Мундијалот 2018-та играа меѓу другите деца на мигранти и Џемаили кој има потекло од Македонија, Хрватот Гаврановиќ, Босанецот Сеферовиќ, Албанците Бехрами, Џака и Шаќири.
Сега во Катар 2022 меѓу бројните фудбалери кои не се со швајцарско потекло против Камерун играа Камерунецот Емболо, Нигериецот Аканџи и Сегеналецот Соу.
Таквиот интернационализам ја дели земјата на делови. На југот од Швајцарија се зборува на италијански, на запад француски а на север и исток - германски.
25-годишниот Брел Емболо кој игра за Монако и кој со гол ѝ донесе на Швајцарија победа и три бода против Камерун зборува француски зошто е роден во камерунскиот град Јаунде, живеел во Африка до 5 години, а после се преселил со мајка му во Франција. Таму таа се запознала со Швајцарец и се преселила со синот да живее во Швајцарија.
„Јас сум сè уште многу близок со Камерун. Таму живее голем дел од моето семејство. Се трудам да одам еднаш-два пати годишно таму за да ја одржам таа врска. За мене е многу важно да не заборавам каде сум роден. Кога доаѓам во Камерун во глава ми се враќаат разни сеќавања. Татко ми ден денес живее во Јаунде зошто е многу поврзан со татковината“, вели Емболо.
Тој на 17 години веќе бил сериозен суперталент, го викале да игра за репрезентација на Камерун но ја одбрал Швајцарија каде пораснал и каде имал прекрасни услови за живот. Од таму имал поголема перспектива да игра во Европа.
СУДБИНАТА САКАЛА ДА ДАДЕ ПОБЕДНИЧКИ ГОЛ ЗА ШВАЈЦАРИЈА ПРОТИВ КАМЕРУН
На стадионот немало многу Швајцарци а немаше ни многу Камерунци. Некои од нив раскажале дека платиле околу 7.000 долари за пат, карти, сместување и сè останато.
Швајцарија во 48’ минута на стадионот „Ал Џануб“ го отвори резултатот преку Брел Емболо. Тоа се испостави за решавачки гол и победа против Камерун. Три бода за Швајцарците и Бразилците во оваа група.
Во второто коло Камерунецот Емболо и неговата Швајцарија ќе играат против силниот Бразил кој исто освои 3 бода против Србија (2:0).