Какви резултати Македонија има досега со Бугарија?

Македонската фудбалска репрезентација вечерва од 18 часот го игра првиот натпревар од новата сезона во рамки од Лига Ц во Лига на нации. Мечот ќе се игра на стадионот „Хувефарма Арена“ во Разград кој има 10.422 седечки места.

Актуелната генерација македонски фудбалери ги направи најголемите успеси во историјата на репрезентацијата. По сензационалните триумфи над Германија и Италија и пласманот на Европско првенство, поддршката за нашите момци е поголема од кога и да е. Вечерва се врти нова страница, почнува нова сезона во Лига на нации.

Покрај Македонија и Бугарија, во групата се уште и Грузија и Гибралтар.

Што се однесува до меѓусебните дуели, со Бугарија досега сме играле седум пати. Имаме четири порази, две победи и една нерешена средба со гол-разлика во корист на нашиот источен сосед 7-3.

Необично, на бугарско тло досега не постигнала гол на две одиграни средби, така што се надеваме и веруваме дека вечерва Елмас, Барди, Трајковски и другарите ќе ја затресат мрежата на ривалот.

Досега сите седум натпревари со Бугарија ни беа пријателски. За првпат денес ќе играме за бодови.

Прв пораз од Бугарите ни е од најдобрата генерација на оваа селекција, со неверојатните Балаков, Стоичков, Лечков, Костадинов и другите кои во 1994-та година правеа дар-мар на Светското првенство во САД и стигнаа до големото полуфинале каде испаднаа.

Македонија против овие ѕвезди играше на 28 мај 1996-та година кога не победија 3-0 со головите на Емил Костадинов, Христо Стоичков и Иво Георгиев.

Втор пат изгубивме од Бугарите на стадионот на ЦСКА „Бугарска Армија“ со 1-0 на 15 август 2001-ва година. Тогаш легендарниот Балаков од пенал го постави конечниот резултат.

Може да се пофалиме и со две победи над Бугарија: во 1998-ма Христов беше стрелец за триумф од 1-0 а победивме и во 2013-та со головите на Агим Ибраими и Алекс Трајковски. Во актуелниот состав единствено Кире Ристевски, Столе Димитриевски и Александар Трајковски беа актери на таа средба. 

Во 2016-та одново се сретнавме, во Скопје, кога гостите однесоа победа 0-2. Од тогаш Македонија е во сериозен подем, играше и на Европско првенство и направи светски сензации, а Бугарија е во историски пад со очајно слаби резултати поради што интересот во тамошната јавност за нивната репрезентација е на историски минимум.

СИТЕ НАТПРЕВАРИ МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА

12.04.1995: Македонија – Бугарија 0:0

28.05.1996: Бугарија – Македонија 3:0

25.03.1998: Македонија – Бугарија 1:0

15.08.2001: Бугарија – Македонија 1:0

01.03.2006: Македонија – Бугарија 0:1

14.08:2013: Македонија – Бугарија 2:0

29.03.2016: Македонија – Бугарија 0:2

Вкупен учинок на Македонија: 7 - 2 1 4 3:7

2 јуни 2022 - 12:58