Како живее Клоп со комшиите во предградието на Ливерпул

Веќе во целост се вклопил во англиското традиционално секојдневие. Оди во пабови на фиш енд чипс, пие пиво, игра квизови, се забавува со куглање со пензионери, го шета кучето по плажа на Ирското море. Едноставно живее мирен и убав живот.

Навивачите на Ливерпул многу повеќе од навивачите на другите англиски топ клубови се склони да ги идеализираат своите тренери.

На списокот клупски легенди секогаш прв ќе биде Бил Шенкли, а тука е и Боб Пејсли кој на Ливерпул му донел шест шампионски титули и три Купа на европски шампиони.

Кени Даглиш бил голем играч, еден од најголемите во Ливерпул, но беше послаб како тренер. Него навивачите го ценат најмногу по поведението после Хилсборо: тренерот одел на погреби на навивачите, ги посетувал повредените и одел дури и на четири погреби на ден.

Жерар Улие е ценет за тројната круна од 2001-ва (Куп на УЕФА, Лига Куп и ФА Куп). Рафа Бенитез им ја донесе неверојатната Лига на шампиони.

Во редот најголеми и најсакани тренери на Ливерпул дојде и Јирген Клоп.

Мурал на Клоп во кварталот Балтик во Ливерпул

Емотивноста и енергичноста на Клоп идеално му одговараа со Ливерпул и станаа логично продолжение на неговата кариера после Борусија.

Ливерпул и Дортмунд се многу слични: не само по жолтиот ѕид, Коп-от и You'll Never Walk Alone, туку и по работничката класа која ги поддржува клубовите. Јирген е поблизок до таков менталитет отколку до оној на Баерн Минхен или лондонските клубови. Затоа Мерсисајд брзо го прифати како свој.

СЕ НАСЕЛИЛ ВО ПРЕДГРАДИЕ НА ЛИВЕРПУЛ

Формби е мал град на брегот на Ирското море на 20 километри од Ливерпул. Ова место е рај за британската средна класа: има неколку добри училишта има големи паркови и огромна песочна плажа која привлекува туристи летно време. Во радиус од пет минути возење од центарот има два големи голф-клуба.

Првично Клоп размислувал за дом во Сефтон парк, јужно од центарот на Ливерпул, но потоа решил дека му треба тивко и мирно предградие.

Фудбалерите на Ливерпул и Евертон почнале да се селат во местото Формби уште од ’70-те години.

Викторија Роуд, улицата на која живее Клоп се смета за најскапа во Мерсисајд. Таму цените на куќи со 4-5 спални соби почнуваат од 700.000 фунти па нагоре. Германецот решил да се всели во куќата во која живеел Брендан Роџерс. А Роџерс претходно ја купил од Стивен Џерард.

Според англиските медиуми, Клоп за кирија плаќа околу 12.000 фунти месечно (годишната плата на Јирген е 7 милиони фунти).

Тој ужива на Ирското море. „Се е подобро отколку што можев да замислам! Одлично е што Формби е близу море. Кога Германците мислат на Англија, тие замислуваат 364 ипол дена дожд во годината. Но овде не е така, овде е одлично“, рекол Клоп.

Локалните жители веќе се навикнале на големи фудбалски имиња во соседството и го уважуваат нивниот приватен жувот. Ретко кој си дозволува ако го сретне Клоп на улица да го гњави со муабети за фудбал, да се слика или да му одзема време.

До неодамна близу Клоп живеел Адам Лалана кој сега е во соседството на Џордан Хендерсон. Неколку пати кога неговиот син Артур ќе го видел тренерот на улица, викал: „Клоп, Клоп!“. Јирген му мавтал на малиот во одговор.

МНОГУ ШЕТА СО КУЧЕТО

„Што друго ви се допаѓа во Формби, освен што шетате со кучето по плажа“?, го прашал некој навивач Клоп а Јирген му одговорил: „Ова звучи потажно отколку што навистина е“, рекол Клоп и се насмеал.

Долгите прошетки со златниот ретривер Ем (во чест на Лотар Емерих, напаѓач на Борусија Дортмунд и репрезентацијата на Германија од 1960-те години), многу го одморале Клоп. Интересно легендарниот германски фудбалер Емерих во 1966-та година играл во финалето на Куп на Купови токму против Ливерпул.

На почеток, кога потпишал за Ливерпул, Клоп со неговата жена Ула и нејзиниот син од првиот брак Денис, живееле во хотел. Првите недели кучето Ема го оставиле во Германија зошто не можеле да живеат со куче во хотел па Клоп сериозно почнал да бара дом со паркови во близина. Формби била најдобра варијанта и кучето го преселиле во Англија.

Еднаш додека 15 минути врлел пороен дожд, Клоп во еден парк разговарал со некој сопственик на куче за различни раси на домашни миленици.

Во 2016-та година пред дербито со Манчестер Јунајтед, Клоп дошол до паркот каде има и фудбалски терен и гледал локални детски екипи.

ОДИ ВО ПАБ И ИГРА КВИЗ

Уште едно место каде често може да налетате на харизматичниот Јирген е пабот The Freshfield. Тој се наоѓа на три минути од домот на Клоп. Овој паб неколку години по ред станувал еден од најдобрите пабови во цела Британија во избор на CAMRA - организација која го оценува квалитетот на точени домашни пива.

Жителите на Формби секогаш го гледаат во пабот. Една вечер некој локалец го видел Јирген како седи надвор на маса со жена му и кучето и ужива во пиво и фиш-енд-чипс.

Понекогаш во пабот The Freshfield Клоп доаѓа во вторник навечер кога се играат квизови. Во пабот се собираат екипи со по 5-6 учесници и понекогаш има и по 100 луѓе на квиз. Јирген доаѓал или сам или со жена му или со некој од стручниот штаб на Ливерпул. Во таквите вечери тој според британската традиција части тура пијалак за сите играчи.

Учесниците во квизот тврделе дека Клоп имал посебно добро познавање за музика, географија и политика и точно одговарал на прашањата.

Понекогаш Клоп со локалците игра и една игра која е помеѓу куглање и карлинг на трева. Игра со локалните пензионери а клупскиот канал еднаш пушти видео од еден од натпреварите. Клоп рекол дека во склад со англиската традиција научил да ја игра оваа игра како и квизовите, но дека карлингот тешко го разбира поради многуте правила.

ОРГАНИЗИРА ДОМАШНИ ВЕЧЕРИ

Пред неколку години Клоп признал дека животот во предградието а не во центарот на Ливерпул му е една од најдобрите одлуку во последните години: „Ливерпул и јас сме како оган и вода, не можам да одам во градот, атмосферата е буквално пресилна. Мал пример: во петок цел стручен штаб излегува во бар на пијалак. Единствен кој останува дома сум јас. Не можам да преживеам“, се смее Клоп.

Тој понекогаш спрема домашни собиранки. Тогаш приметува колкава е разликата во менталитет меѓу британците и германците во екипата:

„Кога го викнав стручниот штаб на вечера (помошните тренери), им реков да дојдат во 19 вечер тогаш ќе почнеме. Рамно во 19:00 сите Германци беа кај мене дома. Англичаните дојдоа подоцна и веќе беа полупијани. Германците обично не пијат пред да појдат на гости, зошто секогаш пијат на самата вечера. А англиските колеги се задржаа толку што мислев дека заборавиле да дојдат“

МОТИВАЦИЈА СО ЖУРКА И ПИЕЊЕ

Еднаш во 2015-та година неколку дена пред Божиќ, Клоп организирал вечера за целата екипа и стручен штаб, но дента Ливерпул изгубил дури со 3:0 од Вотфорд. Играчите се сомневале дека воопшто ќе има вечера после таков дебакл и дури се надевале дека ќе се одложи. На никој ме му било до пиење и веселба.

Но Клоп не само што не ја одложил журката, туку и рекол дека присуството е задолжително за сите и дека кој нема да дојде ќе се соочи со казна.

Играчите, тренерите и докторите дошле со сопругите и девојките во еден голем хотел во Формби. Јирген во еден момент излегол на бина со микрофон и кажал: „Сите сме разочарани, но мечот веќе помина, готово е. Сега журкава е наш приоритет. Немам против да пиете, но најважно вечерва е никој да не си оди дома пред полноќ. Мора да се забавуваме најдобро што можеме“.

Ако може да им се верува на присутните, Клоп цела вечер бил главна ѕвезда и танцувал лудо со жена му Ула. Играчите се опуштиле, пиеле и играле, па сите заборавиле на тешкиот пораз.

На крајот германскиот тренер им рекол: „Пред два часа се осеќавте како морони, а сега се чувствувате подобро. Сфатете дека тоа почна од нас самите. Ќе играме уште во многу финалиња“.

Едно од нив е задутре во Мадрид.