Последната недела не беше едноставна за Кристијано: прво Маурицио Сари го извади од игра пред крајот од неговиот ужасен меч со Локомотив Москва (место него влезе Даглас Коста кој направи дар-мар и го постигна победничкиот гол во длабоко судиско продолжение).
Потоа на мечот со Милан во Серија А, Роналдо не дочека ни 60 минути на терен, Сари го смени бледиот Кристијано со Пауло Дибала кој го даде решавачкиот гол за победа на Јувентус. Ама таа измена Роналдо не ја прими најдобро, тргна веднаш кон соблекувална, никому не подаде рака, луто изговараше нешто на португалски, отишол под туш и го напуштил стадионот на 3 минути пред дербито воопшто да заврши.
После дуелот со Милан, Маурицио Сари пред новинарите мораше да го правда Португалецот, изјави дека Роналдо веќе некое време влечел повреда и дека сакал да го одмори.
Но овие зборови ги негираа во репрезентацијата на Португалија.
Пред мечот со Литванија од квалификациите за Европско 2020, селекторот Фернандо Сантош гласно им рекол на новинарите: „Он е тука и сè е во ред. Ако не беше во форма не би го викал. Не е повреден, спремен е и ќе игра“.
Тоа го потврдија и неговите соиграчи: „Со Кристијано сè е во ред. Тој работеше одлично на тренинг, како и секогаш и фантастично е мотивиран пред мечот. Мислам дека Кристијано не сфаќа за што зборуваат луѓето, тој е многу спремен за натпреварот“, рекол Рубен Невеш.
"Other people did, but I didn't have any doubts." 😏
— Goal News (@GoalNews) November 15, 2019
А Роналдо не само што играше туку и постигна хет-трик и сам ја растури Литванија. И самиот Кристијано изјави: „Не само што се чувствувам добро, туку сум и во одлична форма“.
Роналдо постигна три гола, последниот во 65’ минута а 20 минути подоцна, во 85’ минута на негово место влезе Диого Жота. Кристијано излезе од игра на трет меч по ред, но овојпат беше презадоволен, му подаде рака на селекторот и на соиграчите и седна на клупата за резерви.
Интересно, меѓу голот и замената, имаше една чудна епизода: во 70’ минута на терен истрча еден навивач во дрес од Јувентус, се приближи до Кристијано и направи селфи со него. Како така лесно стигнал до него? Новинарите во Португалија тврдат дека тој или бил редар или вработен на стадионот затоа што после селфито мирно го напуштил теренот заедно со полицијата.
РЕКОРДИТЕ НА РОНАЛДО:
- Ова е 55-ти хет трик во кариерата на Кристијано кој брзо му одговори на Меси кој против Селта Виго го оформи својот 52-ри хет-трик во кариерата. Роналдо има три повеќе хет-трика во репрезентативниот дрес од Меси (9 спрема 6).
- Во квалификацииве против Литванија постигна СЕДУМ голови на две меча и тоа е негов најдобар учинок против сите репрезентации против кои играл. Во септемврискиот меч во Вилнус постигна четири гола!
- Роналдо стигна до фантастични цифри: сега има 98 гола во составот на Португалија. Ова е апсолутен рекорд, но светскиот и натаму го држи легендарниот Али Даеи, кој за својата репрезентација постигна 109 гола. На Кристијано му требаат 12 гола за да го урне и овој епски рекорд на Иранецот и велат дека тоа му е главна цел.
- Кристијано во оваа календарска година постигнал 32 гола и одново ја мина границата од 30 гола во една година. 13-ти пат по ред му успева ова и тоа е чудо.
- Ова беше 163-ти натпревар на Роналдо за репрезентацијата. Му останаа уште 13 до европскиот рекорд и 21 до светскиот рекорд.
„Не мислам дека имаше нешто чудно во разговорите за Кристијано пред мечот. Се си беше нормално. Кристијано мене никогаш не ме изненадува“, рекол Сантош после натпреварот.
Ако Кристијано остане во репрезентацијата уште еден циклус, после Европското 2020, тогаш тој ќе го сруши најмалку рекордот по број на одиграни натпревари. За репрезентацијата дава голови речиси на секој втор меч.