Како стигна Чупо-Мотинг до ПСЖ?

Во ситуација кога многумина очекуваа да загрми од Париз нов трансфер вреден милијарди евра, германскиот тренер на клупата на ПСЖ Томас Тухел се реши да доведе еден висок шпиц кој го тренирал уште од времето во Мајнц. На општа зачуденост на сите.

Летово секојдневно стигнуваа вести за договорени трансфери, за промоција на играчи, за новајлии.

Навивачите на Пари Сен Жермен, презадоволни од минатогодишниот рекорден преоден рок кога клубот потроши 400 милиони евра за Нејмар и Мбапе, очекуваа нов спектакуларен трансфер. Се надеваа дека клубот ќе го засили и онака силниот среден ред кој го напушти ветеранот Тиаго Мота кој стана тренер на младинците во ПСЖ.

Но до крајот на преодниот рок ПСЖ потпиша со ветеранот Џиџи Буфон, талентот Кехрер и високиот центарфор Ерик Максим Чупо-Мотинг (29), не баш надалеку познат играч.

Овој фудбалер кој има скромно портфолио беше анонимен за поголемата јавност.

„Се работи за играч кој знае да реши натпревар откако ќе влезе од клупата“, го опиша тренерот Тухел на чија желба високиот шпиц дојде во градот на светлината.

Тухел го познава добро Камерунецот на кого му беше тренер уште во Мајнц. Чупо-Мотинг со ПСЖ потпиша како слободен играч кој го напушти англискиот второлигаш Стоук Сити. И Чупо-Мотинг ги потврди зборовите на Тухел. Во неделата дебитираше за „Светците“ од Париз. Влезе во игра наместо Марко Верати во 78’ минута на гостувањето кај Рен во 6. коло од Ла Лига и постигна гол за потврда на победата од 1:3.

„Убаво ми е во ПСЖ. Сите ме прифатија добро. Нормално е што имаше и скептицизам. ПСЖ се ориентира само на големи играчи а јас ќе бидам дел од тимот. Доволно е. Ги знам своите квалитети и знам дека можам да помогнам“, вели Камерунецот кој има германско државјанство.

Чупо-Мотинг пред една недела заигра на „Енфилд“ против Ливерпул во Лигата на шампионите кога го засили нападот каде беа Мбапе и Нејмар. Токму комбинациите со Чупо-Мотинг донесоа израмнување на тој натпревар.

Со него во тимот, ПСЖ покажува дека и покрај налудничавото трошење астрономски суми за фудбалери поради што 2 пати беа казнети од Француската фудбалска федерација и од УЕФА за кршење на фер-плејот, им дава шанса на помалку познати играчи и млади таленти.

Во првиот тим Рабио и Кимпембе се продукти на младинската школа а често со првиот тим се и Нкунку, Н’Соки, Веа (синот на легендарниот Жорж), Адли и други момчиња од 17 до 20 години кои се во првата екипа.

***

Чупо-Мотинг е роден во Хамбург во 1989 година од мајка Германка и татко Камерунец. Првите фудбалски чекори ги направил во локалниот тим Тевтонија 05, играл уште и за анонимниот Алтона 93 па во Сент Паули пред во 2004 да потпише за Хамбургер.

Настапуваше уште и за Мајнц, Шалке и Стоук Сити. За германската репрезентација до 19 и 21 година има по 5 настапи и по 4 гола а во 2010 година дебитираше за Камерун каде веќе е староседелец во репрезентацијата со 45 настапи и 13 гола.

25 септември 2018 - 17:31