Како Канада ги фати Мексиканците и Костарика на минус и ги победи

Квалификациите за Светско првенство 2022 во КОНКАКАФ зона кулминираат. Ако некогаш од тука загарантирано одеа Мексико и САД, сега најпријатно изненадување и нов лидер е Канада која извади сјајна генерација.

Сосема неочекувано е што Канада е прва на табелата. Канаѓаните на Светско првенство учествувале само еднаш и тоа во далечната 1986-та. Претходно и после тоа биле само набљудувачи пред телевизија. Сега имаат големи шанси да одат на Мундијал 2022 во Катар.

Предноста на Канада над ривалите од КОНКАКАФ зоната не е само во добрата игра и младите таленти, туку и во итрината на луѓето од нивната фудбалска федерација. Имено домашните средби со Костарика и Мексико, Канаѓаните се решиле да ги играат во Едмонтон на стадионот „Комонвелт“. Градот се наоѓа во зона на континентална клима (сува, заледена зима и топло, умерено дождливо лето).

Идејата им била да „ги пресече“ гостите од Костарика и Мексико, навикнати на топло време и високи летни температури.

„Можевме да си ја упростиме задачата и да играме во други услови, но сакавме да му ја отежниме работата на противникот, да ги натераме да патуваат по разни временски појаси и да играат во за нив неудобно време. Имавме таква можност да се аклиматизираме во Едмонтон пар дена, а нашите противници немаа таква шанса. Многу сум задоволен што ја имаме таа опција“, ладно изјавил селекторот на Канада, Џон Хердман уште на почетокот на октомври.

И фората им успеа. Канада победи и на двата меча. Иако теренот за време со Костарика изгледаше чист, среден и без снег, сепак температурата во тој момент на одигрување на средбата била минус три степени под нулата. Канада победи 1:0 а голот го даде врниот талент на француски Лил, Џонатан Давид.

А пазете го сега ова. Ваков бил теренот пред мечот со Мексико и тоа на минус шест степени. Твитерот на репрезентацијата на Канада објави видео со комичен коментар: Стадион „Ајстека“ како алузија на мексиканскиот стадион Ацтека.

За волја на вистината, уште пред почетокот на мечот целиот снег бил „пиц-пец“ исчистен, тргнат, отстранет.

А благодарение на двата гола на супер напаѓачот на турски Бешикташ Кајл Ларин, Канаѓаните пак победија и се зацврстија на првото место во групата со 16 бода од 8 меча. САД имаат 15 бода, Мексико и Панама по 14.

Верувале или не за Канаѓаните ова е прв триумф над Мексико во рамки од квалификации за Светско првенство уште од далечната 1976-та!

 ПРИ КАКВИ ТЕМПЕРАТУРИ СМЕЕ И НЕ СМЕЕ ДА СЕ ИГРА?

ФИФА нема јасни и гласни регулативи во врска со одложување натпревари при екстремен студ. Меѓународната федерација на професионални фудбалери препорачува да се одложат и преместат тренинзите и натпреварите кога температурите се пониски од -15 степени Целзиусови.

Да не почне сега Русија да игра во Владивосток?

За потсетување, токму Канада заедно со САД и Мексико ќе биде домаќин на Светското првенство 2026 година за кога ФИФА изгласа промена - од тој Мундијал па натаму ќе има 48 репрезентации! Ќе има 16 групи составени од по три репрезентации.

Прослава на гол ала Супермен

17 ноември 2021 - 15:21