Претходниот сопственик Карлос Суарез се повлекол од должноста претседател и од сега па натаму ќе биде задолжен за оперативно управување со клубот, а Роналдо станал претседател на советот на директори.
„Ова е многу важен ден за мене. Долго се спремав за вакво нешто во последните години. Нашата обврска ќе биде заснована на конкуренцијата, тешка и напорна работа каде секој ќе треба да даде максимум од своите можности. Сакаме да го одржиме клубот вака високо и да продолжи да се развива“, рекол Роналдо на промоцијата и додал:
„Ваљадолид е неверојатен град со одличен потенцијал. Ќе се потрудам да пренесам се што знам за фудбалот, за играчите и секогаш со задоволство ќе им давам совет. Ќе се трудам да управувам ефективно и успешно со клубот“.
Ваљадолид летово се проби во Ла Лига преку плејофот во Сегунда иако во месец април бил на 11 место во втората лига.
Преговорите со Рони почнале уште во мај годинава, но пласманот во прва лига бил главен услов за зделката. На крајот од летото веќе се било јасно, но клубот не сакал да објавува официјално за да не ја наруши трансфер кампањата: во случај да дознале за новиот сопственик и приливот на пари, другите клубови би можеле да ги кренат цените на играчите за кои Ваљадолид се интересирал.
Според шпанските медиуми, човекот кој 17 години управувал со Ваљадолид, имал повеќе понуди за продажба на мнозинството акции и тоа од Кина и Латинска Америка, но тој се решил за Роналдо.
„Неговото доаѓање ќе придонесе за Ваљадолид да дознае цел свет“, изјавил Суарез.
Градоначалникот на градот Оскар Пуенте бил уште поконкретен: „Тој (Роналдо) е светска икона и зделката изгледа многу интересно. Само Роналдо и Мајкл Џордан имаат доживотни договори со Nike. Тоа му дава на Ваљадолид нови можности“.
Клубот уште е далеку од сериозно реноме (сетете се на тревникот на теренот за мечот со Барселона). Ваљадолид игра на стадион со капацитет од 26,5 илјади гледачи којшто го изградиле за потребите на Светското првенство во фудбал 1982.
Во 90-годишната историја Ваљадолид не освоил ниту еден сериозен трофеј но два пати играл во финалето на Копа дел Реј и два пати учествувал во еврокуповите.
Сериозни ѕвезди во актуелниот состав на Ваљадолид нема, освен ако внимателно не ја следите Ла Лига па веќе сте слушнале за поранешниот голман од Барселлна Жорди Масип, турскиот шпиц Енес Унал (позајмен во Виљареал), везниот фудбалер Даниеле Верди (позајмен од Рома) или Хрватот Дује Чоп (играше на Европско 2016 за Хрватите и во последен момент не отпатува на Мундијалот 2018).
Роналдо стана првиот (поранешен) фудбалер кој купил клуб од прва лига во европските топ-лиги.
Легендата на Реал, Интер и репрезентацијата на Бразил е двократен Светски шампион и освојувач на „Златната топка“. Кариерата ја заврши во 2011 година откако го послуша своето тело.
По крајот на кариерата Рони вложи во еден клуб Fort Lauderdale Strickers од пониските лиги на САД, потоа соработувал со Реал Мадрид но сакал нешто многу повеќе.
Интересно во својата богата кариера Роналдо дал 6 гола против Ваљадолид. Овој клуб ја почна сезоната со две нерешени без даден гол и со пораз од Барселона 0-1.
Поради катастрофалниот терен шпанската фудбалска федерација изјави дека ќе го казни Ваљадолид а довчерашниот претседател Суарез изјави дека казната би била сосема оправдана и коректна.