Јувентус го матираше кралот

Со головите на Алваро Мората и Карлос Тевез, Јувентус вечерва го победи Реал Мадрид 2-1 во првиот натпревар од полуфиналето на ЛШ. Кристијано Роналдо ја затресе мрежата на Буфон за надеж на Мадриѓаните пред реваншот.

Јувентус го почна натпреварот отворено, Стураро кој се појави на местото на Переира го зацврсти средниот ред на Старата дама. Стартот му припадна на домаќинот кој поведе рано, во 8' минута од мечот.
 
Тевез шутираше, Касиљас со крајни маки одбрани, но Мората му се одмазди на поранешниот клуб и Јувентус поведе 1-0. Реал во тој момент ја крена главата, прво Крос го испроба шутот од далечина, но Буфон одбрани.
 
Реал притисна во вториот дел од првото полувреме и заслужено израмни преку Кристијано Роналдо. Асистент Хамез Родригез, кој центрираше од крило, а Португалецот се поклони за 1-1. Јуве во тој момент како свесно да ја препушти иницијативата на Реал, кој не ги реализираше шансите и на полувреме се замина со 1-1.
 
Во второто полувреме, Јувентус повторно поведе. Тргна брза контра, Тевез ја измеша одбраната на гостите, а Карвахал го фаулираше и направи пенал. Аргентинецот го изведе за ново водство и ерупција на торинскиот стадион. До крајот Реал притискаше, но Јуве се одбрани со три стопери во последниот ред.
 
Реваншот е за осум дена во Мадрид, кога во тимот на Реал би требало да се вратат вечерва отсутните Лука Модриќ и Карим Бензема.