38 годишниот Ито е рекордер по бројот на земји во кој играл фудбал. Тој сменил 21 клуб, а настапувал во Јапонија, Австралија, Сингапур, Виетнам, Тајланд, Малезија, Брунеи, Малдиви, Хонг Конг, Макау, Индија, Мјанмар, Непал, Камбоџа, Филипини, Монголија и Лаос.
„Немам некој прецизен план. Се започна во 1999 година кога јапонскиот клуб Вегалта Сендаи не ми го продолжи договорот. Прочитав дека во Сингапур барале фудбалери, па од таму ми почна авантурата“.
Со тимот на Вудландс Велингтон, настапувал на стадион со 4.300 места и имал можност да живее на море, но тоа не бил неговиот најважен поглед.
„Сакам да запознавам различни култури и да станам експерт во азискиот фудбал, а тоа може да ми помогне во иднина да бидам стручен коментатор или спортски работник. Си донесов одлука дека нема да останувам повеќе од една година во една држава и нема да потпишувам преддоговори“, вели Ито
Следната дестинација му била Мелбурн, Австралија каде потпишал за Вестгејт, клуб оформен од српски иселеници. Голем успех постигнал со тимот на Китче од Хонг Конг со кој успеал на пријателски меч да го победи силниот Милан во кој настапуваа играчи од калибарот на Малдини и Шевченко.
Освоил првенства и купови во Брунеи и Макао, земјата на казината, заминува по втор пат во Непал, па во Монголија каде првенството се игра во летен период со 7 екипи од кои 6 се од главниот град Улан Батор.
Неговиот профил на Твитер изгледа како егзотична спортска турнеја на мистериозни места со мали стадиончиња каде крави и кози пасат трева, каде има необична храна и каде повредите на нозете се лечат со сок од костени.
Помеѓу сликите има и една со Фабрицио Равалени кој бил повикан како гостин за тимот на Китче од Хонг Конг за пријателскиот меч против Њукасл. На неколку минути пред крајот на мечот тој имал чест да влезе на местото на поранешниот италијански напаѓач.
„Пред да заминам во земјата им го учам малку јазикот, барем за да можам да се разберам, потоа се навикнувам на 30% јапонска, а 70% од нивната храна. Во Индија се изнајадов луто, во Австралија месо, а во Непал вежбам качување во планини, затоа што еден ден сакам да се искачам на Хималаите. Ако покажеш интерес за местото каде што играш, полесно ќе бидеш прифатен“, вели Јапонецот.
Тешкотии имал во Индија каде претседателот на клубот одлучувал кој ќе игра, а многу интересно искуство имал на Малдивите со истоимениот шпански клуб Валенсија.
„Иако има само два терени за тренинг и еден за натпревари, фудбалот таму се подобрува. Во договорот ти стои дека можеш да престојуваш во ресорт доколку тимот ти победува. Се сеќавам на еден Швеѓанец кој доаѓаше да игра и да си ја одржува формата додека во неговата земја е пауза. Некои фудбалери од Европа се договараат со клубот да не мора да тренираат секој ден и да ги напуштаат хотелите само за мечевите“, раскажува Ито.
Јапонецот кој во ноември ќе наполни 39 години ова лето одиграл пријателски натпревар против Јувентус, а во моментов игра во Лаос за екипата на Лао Тојота која барала засилување. Тој ги излажал во клубот дека е напаѓач само за да не остане без договор.
Следната дестинација на авантуристот не е позната, но ние ќе му ја следиме кариерата.