Извлечени паровите за бараж за осминафинале: Реал пак оди кај голманот кој им даде гол

Попладнево во Нион во седиштето на УЕФА беа извлечени паровите кои ќе играат натпревари со реванш и подобриот ќе оди во осминафинале. Париз ќе игра против ривалот од првенството Монако, а Реал Мадрид пак ќе оди на нозе кај Жозе Мурињо кој ги победи 4:2 пред само неколку дена.

Ова не е таканаречена класична ждрепка, туку после заедничката етапа секоја екипа во баражот добива по два потенцијални противници. На пример на Реал Мадрид и Интер како први ривали во баражот можеа да им паднат само последната и претпоследната екипа кои обезбедија бараж: Бенфика или Бодо Глимт.

Реал се падна со Бенфика а Интер ќе оди во поларниот круг кај Бодо Глимт кој направи две огромни сензации со победи од 3:1 над Манчестер Сити и 1:2 над Атлетико Мадрид.

Актуелниот првак ПСЖ ќе игра против ривалот од француската Лига 1 Монако. 

Првите натпревари се играат на 17-ти и 18-ти февруари а реваншите се закажани за 24-ти и 25-ти февруари.

Победниците од овие парови ќе играат во осминафинале каде веќе се Арсенал, Баерн Минхен, Ливерпул, Тотенхем, Барселона, Челси, Спортинг и Манчестер Сити. Ждрепката за таа фаза и за сите следни до крај ќе се влече на 27-ми февруари.

Големото финале на Лига на шампиони е закажано за 30-ти мај 2026 во Будимпешта.

ПАРОВИ 1/16 ФИНАЛЕ, ЛИГА НА ШАМПИОНИ:

МОНАКО - ПАРИ СЕН ЖЕРМЕН
БЕНФИКА - РЕАЛ МАДРИД
КАРАБАХ - ЊУКАСЛ
БОДО ГЛИМТ - ИНТЕР
ГАЛАТАСАРАЈ - ЈУВЕНТУС
БОРУСИЈА ДОРТМУНД - АТАЛАНТА
КЛУБ БРИЖ - АТЛЕТИКО МАДРИД
ОЛИМПИЈАКОС - БАЕР ЛЕВЕРКУЗЕН

30 јануари 2026 - 13:05