Изнајмувам балкон за 500 евра за мечот БиХ - Италија

„Луѓето ми нудат сè: пари, Лада Нива...дури и два тони пелети за греење. Најбизарната понуда е еден тон компири за следната зима“.

Дино Мујановиќ од Зеница, го има најславниот балкон во очи на четирите бараж финалиња за Светското првенство. Гледа директ, таму каде што секој Босанец сака да биде вечерва од 20:45. На стадионот Билино Поље.

Во Зеница вечерва гостува Италија, а во домот на Дино екипа на Газета дело Спорт. Интервјуто за познатиот весник го насловија:

„Ми понудија автомобили, пари и... компири за да го гледаат натпреварот БиХ - Италија од балконот“.

„На раскрсницата на Фра Иван Фрањо Јукиќ во Зеница, помеѓу стадионот Билино Поље и реката Босна, се наоѓа огромна дваесеткатница. Изградена е во раните 1970-ти години спроти историскиот стадион на кој се играат натпревари на босанската репрезентација, клубот Челик, па дури и рагби тимот. Во него живеат стотици семејства, а балконите гледаат кон теренот. Дино Мујановиќ отсекогаш живеел во еден од овие станови. Има огромна сива софа и телевизор во дневната соба“, пишува Газета

Балканот стана познат, откако Дино на Фејсбук напишал:

„Изнајмувам балкон, цена 500 евра. Може да прими четворица, а во цената е вклучена скара и пиење по ваш избор. Само сериозни понуди во иМбокс“.

Сепак постот му бил за да се мајтапи. Фудбал од балконот гледа исклучиво со семејството и пријателите.

„Веднаш по полуфиналето од плејофот напишав дека ќе го изнајмам мојот балкон за 500 евра за натпреварот против Италија. Цената вклучуваше скара и пијалок по нивен избор. Секако, се шегував, но пријатели и навивачи ми испратија десетици пораки.

Кои се најчудните понуди што сте ги добиле за да го гледате натпреварот на вашиот балкон?

Постојано добивам пораки на Инстаграм, дури и телефонот постојано ми ѕвони. Луѓето ми нудат: пари, Лада Нива... дури и два тони пелети за греење. Најбизарната понуда беше еден тон компири за следната зима. Ги игнорирав сите барања. Многумина беа иронични. Тоа беше целта на мојот пост, да биде провокација, а не вистинска понуда.

Дали некогаш сте помислиле да попуштите?

Апсолутно не. Ќе го гледам финалето од плејофот против Италија, како и секогаш со луѓето што ги сакам. Ќе јадеме и ќе наздравуваме. И куќата и балконот се резервирани исклучиво за моето семејство. Ќе навиваме за Босна, за Џеко, Демировиќ, Алајбеговиќ и останатите.

Дали организиравте посебен настан во вашата зграда?

Сите ќе гледаме низ прозорците и балконите, како секој пат кога играат репрезентацијата и Челик.

Дали има стан за изнајмување на Booking.com во зградата каде што живеете со вашето семејство?

Има неколку. Во нормални времиња, тие чинат околу 30 евра по ноќ. Нема да има празни места во нашите згради во вторник.

Инаку Италијанците имаат еден пораз на овој стадион, но се работи за клупска пресметка. Во финалето на Купот Митропа во 1972 година, Челик успеал да ја победи Фиорентина со 1-0 пред 34.000 луѓе.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Mondo BiH (@mondo_bih)

31 март 2026 - 10:31