Историско четвртфинале за Мароко, капитулација на Шпанија на пенали

По шестмината фаворити кои успеаа да ја минат осминафиналната фаза во Катар, селекцијата на Шпанија е прва од рангот на тие селекции која заминува дома предвреме. Шпаниците се посрамотија од белата точка и не успеаа да погодат ниту еднаш.

Мароко го исфрли големиот фаворит и поранешен светски и европски првак на пенали после 120 минутна битка која заврши без голови. 

Шпанците беа доминантни со статистика која е олицетворение на нивниот систем на игра: 77% посед на топка, 14 удари од кои 6 во рамки на гол и неверојатни 1.050 додавања од кои 975 точни.

Но тоа се само бројки кои излегоа јалови и кои паѓаат во вода. Во четвртфинале оди Мароко кој испиша историја за својата земја, бидејќи за прв пат ќе игра четвртфинале.

Со овој успех стана четврта африканска селекција која до сега успеала да стигне до топ 8 на Светско првенство. Таму ќе се судри со победникот од дуелот Швајцарија - Португалија.

За Шпанците ова е рекордна четврта елиминација на Мундијалите на пенали од вкупно пет изданија и втора во низа откако на претходното Светско беа елиминирани на пенали од Русија, исто така во осминафинале.

Кај Мароко погодија Сабири, Зијеш и Хакими кој шутираше последен, а утна само Банун. Во тимот на Луис Енрике промашија сите тројца: Сарабиа, Солер и Бускетс.

МАРОКО - ШПАНИЈА 0:0 (0:3 на пенали)

6 декември 2022 - 18:47